• понеделник, 23 декември 2024

По 14-ти пат ќе се организира летно искачување на Титов Врв

По 14-ти пат ќе се организира летно искачување на Титов Врв
Тетово, 27 август 2022 (МИА) - Планинарските клубови „Јелак“ и „Тетекс“ од Тетово за утре планираат заедничко организирање на летно искачување до највисокиот врв на Шар Планина, Титов Врв. Тргнувањето започнува во 7 часот од пред платото на хотелот „Попова Шапка“ на Попова Шапка. - Искачувањето организирано од страна на ПК „Тетекс“ и ПК „Јелак“ ќе се одвива исклучиво по Вакуфската патека, за што двата клуба обезбедуваат водичи и техничка поддршка за време на акцијата. Патеката е со средна тежина, а имајќи го предвид дождливото лето, се препорачува сите учесници да имаат обувки соодветно на влажните и лизгави услови, односно обувки со потврд ѓон и подлабоки крампони, порачува Александар Стојановски од ПК „Јелак“. Тој нагласува дека за сите рекреативци и почетници, кои имаат помалку искуство, се препорачуваат планинарски чизми, со цел да се избегнат повреди на стапалото и зглобовите на нозете, како и соодветна компресиона заштита на послабите делови од нозете, односно стегачи за колена и глуждови, имајќи ја предвид и должината на патеката. Патеката е со должина од околу 12 километри за што се потребни околу 4,5 часа за искачување до Титов Врв. ас/сп/

Остани поврзан