• вторник, 24 декември 2024

Почна регионалниот настан на УСАИД за вмрежување на организации за деловна поддршка

Почна регионалниот настан на УСАИД за вмрежување на организации за деловна поддршка
Скопје, 25 март 2021 (МИА) - Дводневниот регионален настан за вмрежување на организации за деловна поддршка, организиран како дел од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, започна денеска. Овој настан ќе овозможи поврзување на повеќе од сто претставници на бизнис организации од Западен Балкан и ЕУ, промовирајќи ја важноста за проширувањето на соработката и можноста за заемно учење и меѓусебно споделување искуства. Aмериканската амбасадорка во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за образование Мила Царовска, претставникот на центарот за иновативност во Црна Гора Александар Јаничиќ, основачот на асоцијацијата МАМЕИ Марта Наумовска Грнарова и претставничката на Стопанската комора од Милано Иларија Бонети, учествуваа во панел дискусијата чии теми беа соработката со институциите, предизвиците, потребата за јавно-приватните партнерства и развојот на нови портфолија со иновативни услуги за компаниите. Во своето обраќање, амбасадорката Брнз говореше за важноста на организациите за деловна поддршка и потребата за регионална соработка во деловниот екосистем. -Преку работата со организациите за деловна поддршка ги поддржуваме и нивните клиенти да ја постигнат заедничка цел за остварување економски раст - било да е тоа со раст на приходите, создавање работни места или со зголемен извоз. Со ова се демонстрира мултиплицирачки ефект, каде што нашите инвестиции во овие организации влијаат на цели бизнис сектори и подсектори. Регионалната економска соработка е клучна за зголемување на целокупната конкурентност на регионот на Западен Балкан. Со зајакнување на индивидуалните економии при градење на регионалните врски, ние поддржуваме силна соработка, споделување на ресурси и знаење и подобрувања на регионалната работна сила, рече Брнз. По панел дискусијата следеше и доделување на сертификати за успешност и презентации од организациите за деловна поддршка, кои во изминатите три години беа директно поддржани како грантисти во Проектот. -Како резултат на бројните обуки и менторства што ги поминавме во изминатите речиси три години, знам дека многумина од вас научија нови бизнис практики, испробаа нови процеси и системи во секојдневно работење, дури и пронајдоа и нова перспектива на гледање на својата организација. Би сакал да ве поттикнам и понатаму да ги одржувате овие процеси и системи во функција, да ги ажурирате и надградувате, бидејќи досега во повеќе наврати увидовме дека тие се еден од најважните фактори за постигнување на организациска одржливост, изјави Дејан Јаневски, директор на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. Во текот на утрешниот ден, ќе се одржат индивидуални состаноци помеѓу организациите, за да се иницира директната размена на информации, да се дискутираат достапните ресурси и капацитети, и да се истражуваат можностите за продлабочување на соработката и идни партнерства преку заеднички проекти. Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем е четиригодишен проект, кој работи на економскиот развој и поттикнување на конкурентноста на микро, малите и средни претпријатија (ММСП) во Северна Македонија, преку зајакнување на бизнис услугите, финансиите и пазарните врски кои се основен катализатор за зголемување на развојот, продуктивноста и вработливоста на ММСП. нд/скс/

Остани поврзан