• понеделник, 23 декември 2024

Почина проф. д-р Љупчо Ајдински, истакнат научник, филантроп, хуманитарец и еден од основоположниците на дефектологијата во земјава

Почина проф. д-р Љупчо Ајдински, истакнат научник, филантроп, хуманитарец и еден од основоположниците на дефектологијата во земјава
Скопје, 2 август 2021 (МИА) - На 91-годишна возраст вчера во Скопје почина проф. д-р Љупчо Ајдински, редовен професор во пензија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Беше роден на 28 април 1930 година во Ново Село, Струмица. Докторира на Дефектолошкиот факултет во Белград. - Со професорот Ајдински се поврзуваат грижата, заштитата и третманот на лицата со попреченост во Република Македонија. Основоположник е на системот за институционална заштита и едукација на лицата со попреченост, а со тоа и на првиот организиран третман на овие лица. Основоположник е на Институт за дефектологија (1993 г.) при Филозофскиот факултет во Скопје. Активно учествуваше во основањето на  Сојузите на слепи, глуви и на другите инвалидски организации, соопшти проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет во Скопје Автор е на многу научни трудови, публикации, учебници и монографии. После пензионирањето ја продолжи својата хумана активност во инвалидските организации, граѓанското здружение „Мајка Тереза“ и во  Лајнсовиот клуб „Св. Пантелејмон“. Во 2010 година ја основа хуманитарна фондација „Професор д-р Љупчо Ајдински“, чија главна дејност е доделување награди на институции и лица со попреченост, како и стипендирање на ученици и студенти од областа на специјалната едукација и рехабилитација. - Професорот Ајдински  остави белег и врз општествено политичкиот живот во Република Македонија. Своевремено учествуваше во креирањето на законски решенија во социјалната, здравствената и детската заштита, наведува деканот Дуев. За својата работа, професорот Ајдински беше одликуван со многу награди и признанија, меѓу кои: „11 Октомври“, „Св. Климент Охридски“, „Мајка Тереза“, „13-Ноември“, Милениумски медал на честа и други. Посмртните останки на професор Љупчо Ајдински ќе бидат изложени на 6.август, петок во капелата на гробиштата „Бутел“ во 9 часот, а погребот ќе биде во 10 часот. мс/ац/  

Остани поврзан