• четврток, 14 ноември 2024

Почина бизнисменот Адем Кочан

Почина бизнисменот Адем Кочан
Скопје, 9 ноември 2021 (МИА) - По долго и тешко боледување во Скопје денеска почина познат бизнисмен Адем Кочан. Адем Кочан е роден во 1955 година во Рожаје, Црна Гора, а истата година со неговото семејство се преселиле во Скопје, каде завршил основно и средно образование, како и Економски факултет. По дипломирањето почнува да работи во тогашната Служба за општествено книговодство како финансиски инспектор. Во 1990 година ја отвора фирмата „Канет-компани“ која што се занимава со консалтинг и книговодствени услуги. Веќе од првите години се покажува како успешен бизнисмен по што следи и развојот на фирмата и ширењето на дејноста во областите на земјоделството, градежништво, угостителство... За својата работа добивал и бројни признанија. Во 2009 година неговото претпријатие „Агро Канет“ беше прогласено за најуспешно во изборот на Македонската развојна фондација за претпријатијата. Во 2017 година во Сараево го доби признанието за „Најменаџер на регионот“ на подрачјето на Југоисточна и Средна Европа. Беше и еден од основачите на Сојузот на стопански комори на Македонија, како пионер на приватната стопанска иницијатива и бизнис. Добитник е и на другите признанија за иницијативност, инвентивност, претприемчивост. Во текот на својата работа често бил и донарот и учесник на повеќе хуманитарни акции. Простувањето од Адем Кочан ќе се изврши утре, 10 ноември во 13:30 часот во џамијата во Бутел 1, а погребот во 14:30 часот на Градските гробишта во Бутел. мс/сп/

Остани поврзан