• сабота, 23 ноември 2024

Пензиските друштва најавуваат нови „пензиски“ паркови во средните училишта

Пензиските друштва најавуваат нови „пензиски“ паркови во средните училишта
Скопје, 19 септември 2022 (МИА) - Во рамки на кампањата „Засади желба за поубава иднина“, трите пензиски друштва - Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво а.д. Скопје, најавуваат нови садења во дворовите на средните училишта. По шестгодишните кампањи насочени кон едукација и информирање на населението за придобивките од членувањето во задолжителниот и доброволниот пензиски фонд, во октомври минатата година тие ја започнаа оваа кампања со подлабока и подолгорочна цел – креирање на „Пензиски паркови“ чија симболика има за цел да ја заживее грижата за иднината. -Оваа година се насочивме кон активирање на промени за еколошки и социјални цели, за да ги поттикнеме, мотивираме и инспирираме младите генерации, со цел заеднички да поставиме нови стандарди за подобра и поквалитетна средина за живеење. Нашата желба е овие напори да вродат со плод на една убава традиција која сите ќе ја негуваме. Среќни сме што за релативно кратко време успеавме да ја прошириме листата на „Пензиски паркови“ за која веруваме дека само ќе продолжи да расте, велат претставниците на пензиските друштва. Досега во рамки на кампањата беа засадени шест зелени паркови во шест средни училишта во Скопје, Охрид, Струмица и Свети Николе. Во садењата, покрај учениците, учествуваат и претставници од пензиските друштва, чија цел е преку сопствен пример да ги мотивираат младите да станат активни учесници во грижата за животната средина и за својата иднина. -Кампањата „Засади желба за поубава иднина“ е насочена и кон широката јавност, со цел да се обезбедат што е можно повеќе индивидуални позитивни примери преку кои целото општество ќе се доближи до поубава иднина кон која се стремиме сите, затоа што симболиката на оваа кампања е токму во уделот што крајните корисници го имаат во планирање на сопствениот живот и иднина, истакнуваат од пензиските друштва. сст/са/      

Остани поврзан