Пелегрини: Централна Европа мора посилно да се слуша внатре во ЕУ
- Земјите од Централна Европа би требало појасно да ги изнесат своите ставови внатре во Европската Унија, изјави словачкиот претседател Петер Пелегрини на Бледскиот стратешки форум во Словенија, каде што учествуваше во дискусија со словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар.
Блед, 31 август 2026 (МИА) – Земјите од Централна Европа би требало појасно да ги изнесат своите ставови внатре во Европската Унија, изјави словачкиот претседател Петер Пелегрини на Бледскиот стратешки форум во Словенија, каде што учествуваше во дискусија со словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар.
Пелегрини истовремено повика на поголем прагматизам внатре во ЕУ, додека словенечката претседателка возврати дека прагматизмот не е секогаш вистинскиот пат напред, пренесе агенцијата Таср.
Словачкиот лидер укажа дека, доколку Централна Европа настапува единствено, може да постигне многу повеќе на ниво на ЕУ. Во тој контекст, тој се осврна на изјавата на чешкиот премиер Андреј Бабиш дека е неопходно да се формираат коалиции кои би ги застапувале интересите на земјите од Централна Европа внатре во Европската Унија. Пелегрини додаде дека целта би била да се претстави нивната визија за иднината на ЕУ и Европа во целина.
Според него, Централна Европа понекогаш има „подобро решение“ за одредени проблеми од постарите држави членки на ЕУ.
Шефот на словачката држава исто така изрази уверување дека на европско ниво понекогаш владее преголем оптимизам, укажувајќи, на пример, на почетните цели на таканаречениот Зелен договор. Тој, сепак, призна дека климата се менува, и заклучи дека во ЕУ е потребно повеќе прагматизам, а помалку идеологија, како и повеќе конкретни чекори, а помалку пароли. јт/
Фото: Пелегрини на Фејсбук