Ноер со комплименти за Кејн: Тој е феномен
- Голманот на Баерн Минхен, Мануел Ноер, изјави дека е горд што е клупски колега со англискиот репрезентативец Хари Кејн.
Минхен, 10 ноември 2023 (МИА) – Голманот на Баерн Минхен, Мануел Ноер, изјави дека е горд што е клупски колега со англискиот репрезентативец Хари Кејн.
Англискиот напаѓач ова лето дојде во Баерн од Тотенхем и досега на десет прволигашки натпревари постигна 15 голови, со што го израмни рекордот на клупската легенда Герд Милер од сезоната 1968/69.
„Тој е феномен и горди сме што игра во нашиот клуб“, рече Ноер.
Кејн сезонава два пати во серија постигнуваше хет-трик, против Дармштад и Борусија Дортмунд, а во средата беше двоен стрелец во триумфот на Баерн над Галатасарај од 2-1 во Лигата на шампиони со што германскиот првак ја мина групната фаза.
„Уште на почетокот реков дека личноста и карактерот на Хари ќе им помогне на играчите околу него да бидат подобри“, оцени во иста насока и тренерот на Баерн, Томас Тухел. ег/паг/
Фото: Икс