НБ: Нето-надворешниот долг во вториот квартал од 2022 година намален за 101 милион евра
- На крајот на вториот квартал од 2022 година нето-надворешниот долг изнесува 3.988 милиони евра (или 29,9 отсто од проектираниот БДП) и бележи квартално намалување за 101 милион евра, или за 2
Скопје, 30 септември 2022 (МИА) - На крајот на вториот квартал од 2022 година нето-надворешниот долг изнесува 3.988 милиони евра (или 29,9 отсто од проектираниот БДП) и бележи квартално намалување за 101 милион евра, или за 2,5 отсто. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 57 отсто, е истакнато во редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција на Народната банка (НБ).
-Во текот на вториот квартал од 2022 година, негативната нето-меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 41 милион евра и изнесува 7.770 милиони евра, што претставува 58,3 отсто од проектираниот БДП за 2022 година, информира НБ.
Според НБ, на крајот на вториот квартал од 2022 година, нето-надворешниот долг бележи квартално намалување за 101 милион евра, со што на крајот на јуни 2022 година изнесува 3.988 милиони евра. Притоа, намалувањето на нето-надворешниот долг во вториот квартал произлегува од намалувањето на приватниот нето-долг за 122 милиона евра, во услови на зголемен јавен нето-долг за 21 милион евра.
-Зголемување на квартална основа од 385 милиони евра забележа бруто-надворешниот долг, со што на крајот на второто тримесечје изнесува 10.379 милиони евра. Бруто-надворешните побарувања забележаа зголемување за 486 милиони евра и изнесуваат 6.391 милион евра, соопшти НБ.
Негативната нето-меѓународна инвестициска позиција, се вели во соопштението, на крајот на јуни 2022 година, изнесува 7.770 милиони евра, или 58,3 отсто од проектираниот БДП за 2022 година. Од овој износ, најголемиот дел, или 83 отсто, се нето-обврски врз основа на директни инвестиции, од кои 73 отсто се врз основа на сопственички капитал.
-На крајот на јуни од 2022 година, бруто-надворешниот долг изнесува 10.379 милиони евра (или 77,9 отсто од проектираниот БДП) и бележи квартално зголемување од 385 милиони евра (или за 3,9 отсто). Доколку од долгот се исклучи ефектот од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка, бруто-долгот бележи квартално намалување од 48 милиони евра. Оваа квартална промена е резултат на намалениот јавен долг (за 139 милиони евра), додека приватниот долг бележи квартално зголемување (за 91 милион евра), велат од НБ.
Кварталното намалување на јавниот надворешен долг од 139 милиони евра, додаваат, е резултат на намалувањето на долгот на секторот „држава“ (за 210 милиони евра), во услови на зголемен долг на јавните банки и јавните претпријатија (за 67 милиони евра). Растот на приватниот долг се должи на зголемениот долг на небанкарскиот приватен сектор (за 52 милиона евра), на приватните банки (за 28 милиони евра) и на капитално поврзаните субјекти (за 11 милиона евра).
-Во споредба со крајот на 2021 година, бруто надворешниот долг е повисок за 802 милионa евра, или за 8,4 отсто. Притоа, во првата половина од 2022 година, долгот со исклучен ефект од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка е зголемен за 426 милиони евра. Остварениот раст е резултат на зголемениот приватен долг (за 721 милион евра), во услови на намален јавен надворешен долг (за 295 милиони евра). Растот на приватниот долг произлегува од зголемените обврски на капитално поврзаните субјекти (за 424 милиони евра), приватните банки (за 157 милиони евра) и небанкарскиот приватен сектор (за 140 милиони евра). Падот на јавниот долг е резултат на намалените обврски на секторот „држава“ (за 354 милиони евра), во услови на зголемени обврски на јавните банки и јавните претпријатија (за 54 милиони евра), прецизираат од НБ.
Нагласуваат дека бруто-надворешните побарувања, на крајот на вториот квартал од 2022 година, изнесуваат 6.391 милион евра (или 48 отсто од проектираниот БДП) и забележаа квартално зголемување од 486 милиони евра (или за 8,2 отсто).
-Доколку се исклучи ефектот од специфичните активности на централната банка поврзани со управувањето со девизните резерви, бруто-надворешните побарувања се зголемени за 58 милиони евра и изнесуваат 5.960 милиони евра. Оваа квартална промена е резултат на зголемените приватни побарувања за 213 милиони евра, при намалени јавни побарувања за 155 милиони евра. Кварталниот раст на надворешните побарувања кај приватниот сектор е резултат на зголемените побарувања на останатите сектори (за 185 милиони евра) и депозитните институции (за 37 милиони евра), во услови на намалени побарувања на капитално поврзаните субјекти (за 9 милиони евра). Падот на јавните побарувања се должи на намалените побарувања на централната банка, истакнуваат од НБ.
Во споредба со крајот на претходната година, како што вели, бруто-надворешните побарувања се повисоки за 476 милиони евра.
-Без ефектот од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка, бруто надворешните побарувања се зголемени за 79 милиони евра, и тоа како резултат на зголемените приватни побарувања (за 633 милиони евра), при намалени јавни побарувања (за 553 милиони евра). Растот на приватните побарувања произлегува од зголемените побарувања на капитално поврзаните субјекти (за 376 милиони евра), останатите сектори (за 251 милион евра) и од депозитните институции (за 6 милиони евра), велат од НБ.
Како што посочуваат на 30.6.2022 година, нето надворешниот долг изнесува 3.988 милиони евра (или 29,9 отсто од проектираниот БДП). Нето-надворешниот долг на земјата, во вториот квартал од 2022 година, е намален за 101 милион евра, или за 2,5 отсто.
-Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 57 отсто. Во однос на крајот на 2021 година, нето надворешниот долг е зголемен за 327 милиони евра (или 8,9 отсто), при зголемување на нето-јавниот долг (за 239 милиони евра) и на нето-приватниот долг (за 88 милиони евра), прецизираат од НБ.
Во текот на вториот квартал од 2022 година, посочуваат дека негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 41 милион евра и изнесува 7.770 милиони евра, што претставува 58,3 отсто од проектираниот БДП за 2022 година.
-Кварталното зголемување на негативната нето МИП произлегува од засиленото зголемување на обврските (за 515 милиони евра) во однос на зголемувањето на средствата (за 474 милиони евра). Гледано по инструменти, нето-обврските врз основа на сопственички инструменти бележат зголемување за 142 милиона евра, додека нетообврските врз основа на должнички инструменти се намалени за 101 милион евра. Во споредба со крајот на 2021 година, негативната МИП, нето, е зголемена за 525 милиони евра, како резултат на растот на нето-обврските врз основа на должнички инструменти (за 327 милиони евра) и сопственичките инструменти (за 199 милиони евра), велат од НБ. вј/бак/