• петок, 30 јануари 2026

Премиерот Мицкоски на настан за програмата Еразмус+ на Економскиот факултет

Премиерот Мицкоски на настан за програмата Еразмус+ на Економскиот факултет

Скопје, 30 јануари 2026 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе учествува на настанот „Еразмус+ од учење до нови животни можности“, во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, којшто ќе се одржи на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. 

Целта на настанот, на кој ќе се објават програмските приоритети за 2026 година, е да се истакне значењето на програмата Еразмус+ како клучен фактор во личниот, академскиот и професионалниот развој на младите, преку промоција на можностите што ги нудат европските образовни програми и државната поддршка за македонските студенти. 

Според агендата, настанот ќе го отворат деканот на Економскиот факултет при УКИМ, проф. д-р Мијалче Санта, и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, м-р Ана Михајлов.

Премиерот Мицкоски, како што е најавено, ќе даде посебен осврт на институционалната и државната поддршка за младите и образованието.

Во вториот дел од настанот, своите лични искуства и придобивките од учеството во програмата Еразмус+ ќе ги споделат студентите Теа Мицевска од Правниот факултет и Теодор Бошков од Економскиот факултет, кои ќе говорат за патот од студентска практика до професионален развој.

Настанот ќе заврши со отворена дискусија и неформално дружење. дма/вг/

 

Фото: Принтскрин

 

Остани поврзан