• понеделник, 25 ноември 2024

Народниот правобранител на Грција ќе го истражи случајот со мигрантот кој почина во полициска станица во Атина

Народниот правобранител на Грција ќе го истражи случајот со мигрантот кој почина во полициска станица во Атина

Атина, 27 септември 2024 (МИА) – Народниот правобранител на Грција, по наредба на надлежниот министер за заштита на грѓаните, го презема расчистувањето на случајот со починатиот мигрант во полициска станица во атинска населба и ќе истражи дали постоело полициско насилство, додека пак 16 пратеници од опозициската СИРИЗА го покренаа случајот во грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Мигрантот, во саботата бил пронајден мртов во полициската станица во населбата Агиос Пантелејмон под неразјаснети околности, а целиот случај во медиумите беше објавен вчера од Движењето за борба против расизам и фашистички закани, кои тврдат дека Пакистанецот Мохамед Камран бил жртва на тортура од полицајците и претепан до смрт.

По натписите од медиумите, од грчката полиција вчера соопштија дека мигрантот бил уапсен минатата среда откако го пријавиле за насилно однесување, бил под дејство на алкохол или наркотични средства, а имал и повреди по телото.

Поради повредите, полицајците ја известиле итната помош, истрагата покажала дека врз него постоела тужба за семејно насилство, додека пак во станицата, уапсениот имал насилно однесување.

Бил задржан во полициската станица, предизвикал инцидент со друг притворен и бил пренесен во друг дел.

Во утринските часови на 21 септември, полицајците го нашле во безживотна состојба, а лекарите констатирале смрт.

- Од првиот момент беше известен надлежниот обвинител, кој нареди спроведување на прелиминарна истрага, при што, меѓу другото, беа земени изјави, просторот беше претресен од Управата за криминалистички истраги, а се очекува и извештајот на надлежниот лекарски вештак. За дисциплинска истрага, веќе е наредена прелиминарна управна истрага, соопштија вчера од грчката полиција.

Поради случајот и за „прикривањето на насилната смрт“, синоќа се одржа протест во населбата каде што се наоѓа полициската станица, кои завршија со инциденти.

Од Министерството за заштита на граѓаните на Грција денеска соопштија дека по наредба на надлежниот министер Михалис Хрисохоидис, „истрагата за смртта на странскиот државјанин притворен во полициската станица Агиос Пантелејмон се проследува до народниот правобранител, со цел целосно и брзо расчистување на случајот, во рамките на механизмот за истрага на случаи на полициско самоволие, за да не постои никаква сенка на случајот“.

Итно расчистување на околностите под кои почина Пакистанецот, бараат 16 пратеници од опозициската СИРИЗА, кои целиот случај го покренуваат во грчкиот Парламент и велат дека инцидентот „предизвикува сериозна загриженост за безбедноста и третманот на мигрантите во Грција“.

- Несреќниот маж, кој речиси една недела се водеше за исчезнат, има повеќе повреди по телото, додека неговото семејство тврди дека бил жртва на тортура, пишуваат пратениците од СИРИЗА. ср/ссм/

Остани поврзан