• понеделник, 23 декември 2024

Народната банка започнува со објавување квартални податоци за финансиските сметки и состојби

Народната банка започнува со објавување квартални податоци за финансиските сметки и состојби

Скопје, 31 октомври 2023 (МИА) - Имајќи ја предвид потребата од обезбедување навремени и сеопфатни податоци за финансиските средства и обврски на секторите во националната економија, Народната банка од октомври 2023 година за првпат ќе започне со објавување нови статистички податоци ‒ квартални податоци за финансиските сметки, состојби. Со тоа, како што наведуваат од НБ, се збогатува сетот на статистички податоци, односно аналитичката вредност на статистичките податоци коишто ги објавува Народната банка и им се овозможува на носителите на економските политики и на останатите корисници да располагаат со пофреквентни податоци за финансиските сметки, коишто како годишни податоци редовно се објавуваат почнувајќи од 2020 година.

Податоците, се посочува во соопштението на НБ, се прикажани во стандардизирани извештајни табели на неконсолидирана основа за секој институционален сектор на домашната економија, како и за секторот странство.

-Во моментов е објавена временската серија за периодот од 2016 година наваму, а во иднина, податоците ќе се објавуваат со редовна квартална динамика, четири месеци по истекот на кварталот на кој се однесуваат (во согласност со календарот за објавување податоци). Со подготовката на кварталните податоци се направи и ревизија на временската серија на годишните финансиски сметки од 2016 година до 2021 година, којашто произлезе од подобриот опфат, промената на изворите на податоци и новите и подобрени пресметки за одредени инструменти, наведуваат од НБ.

Објавувањето на овој нов сет податоци, се додава, e продолжение на напорите на Народната банка за следење на меѓународните и европските статистички барања, но воедно претставува и исполнување на последниот показател во рамките на највисокиот статистичкиот стандард за дисеминација на податоците СДДС плус на Меѓународниот монетарен фонд, во надлежност на Народната банка. Овој показател, според преземената обврска за пристапување кон СДДС плус, треба да се подготви до завршувањето на транзицискиот период, во јануари 2024 година.

На следнава врска: https://www.nbrm.mk/statistika-na-finansiski-smetki.nspx се достапни податоците и методолошките објаснувања на НБ. вг/дма/

Фото: Народна банка на РСМ

 

 

Остани поврзан