• петок, 22 ноември 2024

МТСП: Пратениците од опозицијата да не го блокираат законското решение за недела - ден на неделен одмор, работниците го очекуваат ова право

МТСП: Пратениците од опозицијата да не го блокираат законското решение за недела - ден на неделен одмор, работниците го очекуваат ова право
Скопје, 21 септември 2021 (МИА) - Министерството за труд и социјална политика апелира до пратениците од опозицијата да не ја кочат собраниската процедура за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со кој се дефинира дека недела е ден на неделен одмор. - За жал, во текот на целиот ден, на Комисијата за труд и социјална политика, поради процедурални забелешки, не беше овозможено да се отвори расправа за Предлог-законот, кој работниците го очекуваат и кој треба да почне да се применува од 1 октомври оваа година. Овој Предлог закон овозможува над 92 проценти од вработените да одмораат во недела и со тоа да создадат рамнотежа меѓу приватниот професионалниот живот. Дополнително, законското решение кое е на второ читање во матичната собраниска Комисија за труд и социјална политика, за малиот процент работници кои ќе работат во недела гарантира дополнителни најмалку 50 проценти повисока дневници и слободен ден, велат од МТСП. Од овие причини, нагласуваат од Министерството, од исклучително значење е пратениците и од владејачкото мнозинство и од опозицијата, да бидат конструктивни и да дејствуваат во интерес на граѓаните. - Потсетуваме дека Предлог-законот за изменување и дополнување на работните односи, беше подготвен низ една широка и конструктивна дискусија и доби силна поддршка и од претставниците на работниците и на работодавачите, стои во денешното соопштение од Министерството за труд и социјална политика. сст/сп/

Остани поврзан