• петок, 22 ноември 2024

Можно повторно воведување маски во затворени простории при подолг престој, надлежните со апел да се преземаат мерки за лична заштита

Можно повторно воведување маски во затворени простории при подолг престој, надлежните со апел да се преземаат мерки за лична заштита
Скопје, 17 јули 2022 (МИА) - Се очекува во периодот што следи Комисијата за заразни болести да одлучува по предлогот на Министерството за здравство за носење маски во затворени простории при подолг престој, како и редовно проветрување на просториите. Ваквиот предлог на Министерството следува по забележаното зголемување на трансмисија на коронавирусот. - При престојување во затворена просторија подолго време да се носат маски, а лицата од ризичните категории маска минимум ФПП2 или Н95 или ФФП3. Просториите во кои се престојува подолго (канцеларии, занимални во градинки, сали за состаноци и слично), како и спортски објекти, редовно да се проветруваат и да се дезинфицираат. Да се избегнува непотребно собирање во големи групи и секогаш кога може да се одржува растојание од два метра, се препораките од Министерството за здравство кои вчера ги упатија до Комисијата. Министерството и Комисијата активно ја следат состојбата со Ковид-19 во земјата, но и состојбите и на европско и на светско ниво. Па затоа, како што посочува Министерството, иако во моментот состојбата е релативно мирна, со цел да остане таква се препорачува внимание и преземање мерки за лична заштита. Ова особено се однесува на постарите лица, лицата кои имаат една или повеќе хронични болести и сите кои имаат намален имунитет поради која било причина. Доколку граѓаните почувствуваат некои од стандардните симптоми (сува кашлица, температура, болки во грло, болки во мускулите и слично) треба веднаш да побараат помош од матичен лекар и задолжително да носат маска. Во здравствените домови ширум државата веќе е зголемен бројот на термини за тестирање на пациенти, а само во Здравствен дом - Скопје тестирање се врши во пет пункта. Според Министерството се уште најефикасна заштита од развој на потешки форми на ковид и хоспитализација останува вакцинацијата против ковид. За целосно заштитени, како што наведуваат од Министерството, се сметаат тиe кои имаат примени две дози вакцини и дополнителна, т.е. бустер доза. Сите оние кои не се вакцинирале или не го завршиле целиот вакцинален циклус, се препорачува истото веднаш да го направат, а кај оние кои поминале четири месеци од бустер дозата им се препорачува и второ бустирање. Инаку, на сила е се уште обврската за носење маски во јавен превоз, здравствени установи, аптеки и домови за стари лица. На состанокот што се одржа во четвртокот, Комисијата за заразни болести констатира дека државата се наоѓа во зелена зона со доволно капацитети за згрижување на пациентите и не се потребни дополнителни рестриктивни мерки. На овој состанок било разгледано и прашањето за достапноста на тестовите за Ковид-19, при што се препорачува двојно зголемување на капацитетите за тестирање на институциите кои се надлежни за тоа. Зголемувањето на бројот на нови случаи, според Министерството изнесува 79,9 отсто. мс/ац/

Остани поврзан