• петок, 05 декември 2025

Мицов и Ивановски: Голема победа против Молдавија

Мицов и Ивановски: Голема победа против Молдавија

 

Скопје, 12 јуни 2025 (МИА) – Одлични два натпревари денеска против Молдавија во рамки на Дејвис купот одигра 32-годишниот македонски тенисер Стефан Мицов, кој прво донесе водство со победата во синглот против Андреј Горбан, а потоа беше одлично надополнување во двојка со Калин Ивановски.

„Многу сум среќен што победивме“, изјави Мицов по триумфот од 2-1 на Македонија

„Сè се сврте на наша страна, но и заслуживме. И тие имаа среќа и ние имавме среќа на крајот, но нели среќата ги „прати храбрите“. Калин мислам дека одигравме одлично, добро беше за нас што неговиот сингл меч и не беше толку тежок да се измори и во дублот сервираше феноменално, мислам дека го собори рекордот“, анализираше Мицов во изјава за официјалниот сајт на Тениската федерација на Македонија.

Мицов по подолга пауза се врати во редовите на македонската репрезентација, откако својот последен настап го имаше во 2021 година.

„Задоволен сум како играм, бев повикан како резерва, јас сум веќе во тренерски води, а и донесов неколку поени“, додаде Мицов.

Задоволство од победата изрази и Калин Ивановски, истакнувајќи дека Македонија по триумфот над Молдавија е чекор поблиску до пласман во Втората Светска група.

„Го добивме мечот во двојки. Но, знаев дека мечот во двојки со Стефан мора да го добиеме и успеавме и навистина сум среќен поради тоа. Ова е голема победа за нас, која ќе ни помогне да бидеме поблиску до Втората Светска група. Мечот во двојки беше навистина интензивен и навистина сум среќен што ова вака се заврши“, посочи Ивановски.

Македонските тенисери утре ги очекува дуелот од 4. коло против Ерменија, аутсајдерот во оваа група и со победа ќе биде обезбеден пласман во Втората Светска група на Дејвис купот.ег

ФОТО: ТФМ

Остани поврзан