• четврток, 22 мај 2025

Минчев: Заеднички градиме модерна, транспарентна и ефикасна јавна администрација

Минчев: Заеднички градиме модерна, транспарентна и ефикасна јавна администрација

Скопје, 28 април 2025 (МИА) - Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска се обрати на состанокот на Секторската работна група за реформа на јавната администрација, на која присуствуваа претставници на Европската Делегација во Република Македонија, СИГМА, РеСПА, амбасадите, како и претставници од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, информираат од Министерството.

Во обраќањето, министерот истакнал дека реформата на јавната администрација е клучен приоритет за напредокот на земјата кон полноправно членство во Европската Унија. Тој нагласил дека реформата за првпат е формално вклучена како засебна област во Кластерот „Основи“ според новата методологија за пристапни преговори, што дополнително го потенцира нејзиното значење.

-Извештаите на Европската комисија покажуваат умерен напредок, но тие се и сигнал дека мораме уште поинтензивно да продолжиме со реализацијата на реформите, рекол министерот. 

Особено бил истакнат Извештајот за мониторинг на СИГМА за 2024 година, кој дава јасна слика за постигнатото и за областите што бараат понатамошно унапредување.

Минчев подвлекол дека фокусот сега е ставен на ефективна примена на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030, со цел изградба на деполитизирана, професионална и отчетна администрација која ќе нуди квалитетни, брзи и пристапни услуги за сите граѓани и за бизнис заедницата.

-Како клучни резултати, министерот ги посочи подготовките на три нови закони – за административни службеници, за вработени во јавниот сектор и за стручно усовршување на административните службеници – кои до крајот на мај ќе бидат доставени до Собранието. Дополнително, се работи и на нови законски решенија за 2025 година, вклучувајќи го Законот за висока раководна служба, нов систем на плати и Законот за организација и работа на органите на државната управа, се вели во соопштението од Министерството за јавна администрација.

Тој најавил и зајакната меѓународна соработка, преку потпишаниот меморандум со Министерството за јавна администрација на Република Словенија, кој, како што рекол, ќе овозможи размена на искуства и добри практики.

Реформите не се цел сами по себе, туку средство за создавање подобро, поправедно и поефикасно општество. Само заедно можеме да изградиме јавна администрација каква што граѓаните навистина заслужуваат, истакнал министерот, изразувајќи благодарност до сите меѓународни и домашни партнери за поддршката и заедничката работа. сст/са/

Фото: Министерство за јавна администрација

 
 

 

 

Остани поврзан