• петок, 22 ноември 2024

Министерката Божиновска панелистика на Енергетски форум на земјите од Југоисточна Европа (SEEF 2024)

Министерката Божиновска панелистика на Енергетски форум на земјите од Југоисточна Европа (SEEF 2024)

Скопје, 6 септември 2024 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествува на Eнергетскиот форум на Југоисточна Европа (SEEF 2024) што денеска се одржува во Солун, Република Грција. На осмото, по ред, издание на овој значаен настан од сферата на енергетиката, Божиновска беше панелистка на тема: „Енергетската соработка во регионот на ЈИЕ и Источниот Медитеран:Пресвртница за енергетската безбедност на ЕУ“, информираат од Министерството. 

По завршувањето на Панел дискусијата таа истакнала дека имал можност  да зборува за значајни енергетски теми кои во моментов се во фокусот на европската јавност.

-Заедно со колегите министри за енергетика и соодветните ресорни министерства од Грција, Албанија, Бугарија, Косово, Романија и Египет разменивме мислења и ставови, како и можни насоки за енергетската стабилност кои верувам дека ќе ги реализираме во наредниот период, рекла Божиновска.

Во својот настап, министерката се осврнала на предизвиците со кои се соочуваат земјите од регионот, потенцирајќи го значењето на зелената транзиција, преминот од традиционални кон обновливи извори и потребата од декарбонизација. Според неа, нашата држава како дел од еден комплексен систем е неизоставен дел од регионалниот енергетски систем кој не може да се гледа одвоено, туку единствено како интегрален дел од сите понатамошни инвестициски циклуси и развојни планови на ЈИЕ. 

- Сите вклучени чинители кои имаат своја улога во процесите поврзани со зелената транзиција во поширок социо – економски контекст треба да се единствени во заложбата за градење одржливи, функционални и транспарентни механизми за поддршка на регионалната соработка. Ние како Влада ќе имаме витална и проактивна улога кон обликување на енергетската безбедност на земјите од Југоисточна Европа. Влезени сме во процесот кон еколошки одржливо сценарио на сите нивоа, отворивме широк фронт на активности во врска со праведната транзиција, која практично е составен дел од зелената агенда, но истовремено користиме внимателен пристап, затоа што се уште зависиме од базни извори на енергија. Целиме кон зголемено користење на гасот, кој практично го гледаме како клучен енергент во наредните децении, преку целосна гасификација и изградба на когенеративни централи. Истовремено, продолжуваме со инвестиции во обновливи извори, преку изградба на фотоволтаици и ветерни паркови, истакнала Божиновска. 

На маргините на Форумот, министерката остварила средби со претставници на грчките  компании Хеленик Енерџи холдинг, како и со грчката команија ДЕСФА која работи на дел од гасоводот во земјава.

Енергетскиот форум на ЈИЕ е еден од најреномираните настани во регионот кој на едно место ги собира клучните креатори на политики, регулатори, инвеститори, претставници на приватниот сектор, професори и експерти кои презентираат и споделуваат добри практики околу енергетските трендови и предизвици во регионот. Настанот го организира  Американско-грчката стопанска комора и Грчката асоцијација за енергетска економија во соработка со Амбасадата на САД во Грција, во стратешко партнерство со Атланскиот совет и Глобалниот енергетски институт на Стопанската комора на САД. сст/лв/

Остани поврзан