Милатовиќ во ОН: Црна Гора е загрижена поради влошената хуманитарна состојба на палестинскиот народ во Газа
- Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, изјави дека Црна Гора е длабоко загрижена поради хуманитарното страдање на палестинскиот народ во Газа и повика на итен прекин на огнот и завршување на кризата со решение за две држави.
Њујорк, 25 септември 2025 (МИА) – Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, изјави дека Црна Гора е длабоко загрижена поради хуманитарното страдање на палестинскиот народ во Газа и повика на итен прекин на огнот и завршување на кризата со решение за две држави.
Во обраќањето на седницата на 80-то Генерално собрание на Обединетите нации, Милатовиќ и го честиташе изборот на поранешната германска министерка за надворешни работи Аналена Бербок за претседателка на Генералното собрание.
- Оваа година, додека одбележуваме 80 години од основањето на Обединетите нации, се навраќаме на исклучителното патување на оваа институција, создадена како мисија за остварување на глобалниот мир. Родени од пепелта на Втората светска војна, Обединетите нации изникнаа како светилник на надеж за човештвото, рече тој.
Потсетувајќи на разурнувањето на градовите ширум светот за време на Втората светска војна, Милатовиќ изјави дека раѓањето на организацијата ОН покажа дека солидарноста може да го победи очајот.
- Сепак, дури и по осум децении, мора да признаеме една сериозна вистина, отсуството на светска војна не секогаш значеше и присуство на вистински мир и просперитет. Денес мултилатерализмот се соочува со предизвици какви што досега не сме виделе. Нашиот свет е соочен со разорни конфликти, растечка поларизација, сериозни прекршувања на човековите права, длабоки економски нееднаквости, како и разорно ширење на дезинформации, изјави тој.
Тој порача дека светот не смее да дозволи маргинализација на Обединетите нации, ниту замолчување на меѓународното право.
- И покрај своите несовршености, Обединетите нации остануваат единствената глобална институција во која секоја нација има свое место и во која меѓународното право останува темел на легитимноста. Тоа е она што ги прави Обединетите нации незаменливи, додаде тој.
Милатовиќ истакна дека Црна Гора од обновата на независноста во последните две децении се разви во модерна демократија.
- Членството во НАТО претставува основа на нашата безбедност, додека нашиот стратешки приоритет е насочен кон полноправно членство во Европската унија до 2028 година. Тоа е амбициозна цел, но цел која е целосно достижна, изјави црногорскиот претседател.
Нагласувајќи ја важноста на зајакнувањето на мултилатерализмот во светот, Милатовиќ изјави дека има многу предизвици во зачувувањето на мирот, а најнов пример за тоа е и војната во Украина.
- Црна Гора ги поздравува неодамнешните дипломатски напори на меѓународната заедница, предводени од Соединетите Американски Држави, со цел постигнување праведен и траен мир во Украина. Искрено се надеваме на успех на тие настојувања, порача тој.
- Истовремено, Црна Гора изразува длабока загриженост поради влошената хуманитарна состојба на палестинскиот народ во Газа. Повикуваме на итен прекин на огнот, рече и додаде:
- Доследно го поддржуваме мирното решавање на израелско-палестинскиот конфликт врз основа на решението за две држави, во целосна согласност со меѓународното право и релевантните резолуции на ОН. Црна Гора ја поддржа Њујоршката декларација за мирно решавање на палестинското прашање и имплементација на решението за две држави.
Тој изјави дека заедничка задача на меѓународната заедница е да ги реформира Обединетите нации и да ги подготви за предизвиците и можностите на иднината.
- Во центарот на сите овие напори мора да останат трите столба на ОН – мир и безбедност, одржлив развој и човекови права, како темел на сите активности на Обединетите нации, додаде Милатовиќ. јт/
Фото: ЕПА