• недела, 22 декември 2024

МИА на 6. Светски медиумски самит во Кина

МИА на 6. Светски медиумски самит во Кина

Урумчи, 14 октомври 2024 (МИА) – Медиумската информативна агенција – МИА денеска учествуваше на 6. Светски медиумски самит на тема „Вештачка интелигенција и трансформација на медиумите“ што се одржа во Урумчи, главниот град на провинцијата Синџианг во северозападна Кина.

На Светскиот медиумски самит, организиран од страна на кинеската новинска агенција Синхуа во соработка со автономниот регион Синџианг, учествуваа околу 500 претставници од 208 медиумски организации од 106 земји, меѓу кои и МИА како единствен претставник од Северна Македонија. На собирот исто така присуствуваа претставници од владини институции, меѓународни организации, агенции на Обединетите нации и хуманитарни организации.

Употребата на вештачката интелигенција (GEN-AI и LLM) во развојот на медиумите беше во фокусот на дискусиите, при што се нагласи потребата од одговорност и стандарди, но и транспарентност од страна на новинарите кои го имаат крајниот збор при објавувањето на медиумските производи.

Учесниците исто така ја нагласија потребата од етички стандарди и авторски права при употребата на вештачката интелигенција во медиумите, со цел да се елиминираат појавите на дезинформации и лажни вести. Ова изискува јакнење на соработката меѓу медиумските организации, бидејќи, како што беше нагласено, новинарството претставува „наука за верификација“, а новинарите се тие кои се одговорни за соодветно користење на овие нови алатки.

Светскиот медиумски самит е формиран во 2009 година од неколку влијателни медиумски организации – Синхуа, Асошиејтед прес, Ројтерс, руската новинска агенција ТАСС и јапонската новинска агенција Кјодо. Самитот работи на унапредување на соработката и развојот на медиумските организации и претставува платформа на високо ниво за размена и координација. ик/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан