• петок, 22 ноември 2024

Меѓународен ден на знаковниот јазик: Потребна е поголема застапеност на знаковниот јазик и негова стандардизација

Меѓународен ден на знаковниот јазик: Потребна е поголема застапеност на знаковниот јазик и негова стандардизација
Скопје, 23 септември 2021 (МИА) - Националниот сојуз на глуви и наглуви на Република Северна Македонија денеска го одбележува 23 септември – Меѓународниот ден на знаковниот јазик. Во рамки на денешниот ден, Сојузот организира трибина на тема „Социјалната положба и невработеноста кај глувите и наглуви лица, застапеноста на знаковниот јазик во нашата држава и процесот на негова стандардизација“. Претседателот на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица, Томица Стојановски пред почетокот на трибината го честиташе Меѓународниот ден на знаковниот јазик и ги поздрави сите глуви лица кои го користат јазикот. - Во светот постојат 72 милиони лица кои го користат овој јазик, најчесто тоа се лица кои живеат во земјите во развој. Како што англискиот јазик се користи интернационално, така глувите лица користат меѓународен јазик, којшто има ограничена лексика и знаците на меѓународниот знаковен јазик се поедноставни и полесни за разбирање меѓу глувите лица, изјави генералната секретарка на Сојузот на глуви и наглуви лица, Лиза Велкова. Таа додаде дека во државата има околу 7000 глуви и наглуви лица, од кои целосно глуви се околу 3500 и активно го користат знаковниот јазик. Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска истакна дека концептот „Едно општество за сите“ значи вклучување на сите граѓани во редовните секојдневни текови во нашата земја. Шахпаска додаде дека Националниот сојуз на глуви лица ја добива поддршката од Министерството за труд и социјална политика, преку годишната програма за поддршка на невладини организации и национални сојузи за подигање на свеста, како и за подобрување на нивниот стандард. Законот за знаковен јазик, во нашата земја е усвоен во 2009 година и од тогаш до денес има околу 190 толкувачи на знаковен јазик. - Тоа секако не е добра бројка, ние како Влада и Министерство правиме напори да го направиме толкувачот достапен на сите лица кои ги адресираат прашањата до органите на државната управа, институции, единици на локална самоуправа, органите на судството, образовни и други институции каде што им се неопходни, додаде министерката. Министерството за труд и социјална политика изготвува ново законско решение за вработување на лицата со различна попреченост, вклучувајќи ги и глувите и наглуви лица. Министерката Шахпаска истакна дека се разговара и за различни модели и на кој начин глувите лица ќе бидат вклучени во работниот процес, со цел да можат да заработуваат за сопствена егзистенција и да бидат независни во системот. - Тоа што го испорачавме во социјалната реформа е посебниот додаток што го примаат овие граѓани во државата. Вкупно на број ги има околу 7000, но тоа што исто така како новина го работиме во Министерството е да правиме инклузија на децата на предучилишна возраст. Во моментов работиме на анализата на вкупниот број дечиња, до шест години кои имаат или сериозно оштетување на звукот или се глуви, за да можат секојдневно да бидат присутни во градинките. При тоа правиме анализа на бројот на достапни толкувачи на знаковен јазик, за да може нивната инклузија во предучилишни образовни установи да биде на ист начин како и за останатите деца, појасни таа. Спасе Додевски, координатор за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост истакна дека Владата има основна обврска и задачи да координира и соработува на дневно ниво со сојузите и организациите на лицата со попреченост. - Ние досега имаме остварено огромен број на придобивки во изминатите години, така што имаме основна обврска да ги доближиме потребите за социјалната инклузија на лицата со попреченост во нашата заедница. Јас се надевам дека пред нас претстои уште многу работа и придобивки што треба да ги оствариме, а тоа го ветува досегашната блиска и добра соработка со Националниот сојуз, додаде тој. Одбележувањето на Меѓународниот ден на знаковниот јазик продолжи со трибината на која се дискутираат важни прашања за глувите и наглуви лица, односно нивната социјална положба, невработеноста, како и застапеноста на знаковниот јазик во државата. ки/сп/

Остани поврзан