• недела, 22 декември 2024

Маричиќ од Стразбур: На Мешовитиот парламентарен комитет ќе прикажеме напорите и реформите за членство кон ЕУ

Маричиќ од Стразбур: На Мешовитиот парламентарен комитет ќе прикажеме напорите и реформите за членство кон ЕУ
Стразбур, 5 октомври 2022 (МИА) - Денешниот, 20-ти состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија - ЕУ е многу важен и клучен настан, бидејќи се случува првпат по отворањето на преговорите и очекуваме овие состаноци да даваат натамошен поттик на се она што го правиме и како Влада и како држава за членството во ЕУ, изјави за МИА вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ пред почетокот на состанокот во Стразбур. - Голема чест и задоволство ми е денеска да присуствувам на јубилејниот 20 состав или 20-та сесија на Мешовитиот парламентарен комитет меѓу Собранието на Северна Македонија и Европскиот парламент, првпат како држава што преговара за членство во ЕУ. Ќе имаме воведно излагање заедно со претставникот на ЕУ, односно претставникот на чешкото претседателство, чешкиот министер за европски прашања Бек. Ќе имаме можност и со претставниците на ЕК, но и со европарламентарците, но и нашите пратеници да размениме мислење за важни теми, владеење на право, заштита на животната средина, слободата на медиумите и граѓанското општество, истакна Маричиќ. Вицепремиерот рече дека состанокот е добра можност да се прикаже што е она што го правиме сега, со сите напори и реформи за членството во ЕУ. - Сега во еден нов дух во контекст со почеток на преговорите на 19 јули. Да објасниме како тече процесот на скринингот во Брисел и кои се наредните чекори што следуваат. Очекуваме да има и усогласени заклучоци, што ќе дадат на некој начин поткрепа, поддршка и мотивација и за Владата, но и за целиот тим којшто работи во Брисел на скринингот, изјави Маричиќ. Со состанокот копретседаваат европратеникот Андреас Шидер и пратеничката Соња Мираковска. Мираковска за МИА истакна дека денеска се очекува да се разменат мислења за односите помеѓу ЕУ и Северна Македонија, како и за други теми. - Со колегите од ЕП ќе разговараме за владеење на правото, животна средина и енергетика, ќе расправаме за граѓанско општество и медиуми, како и за добрососедски односи и регионална соработка и за дијалогот Жан Моне во чиј процес, исто така, се вклучени членовите на Европскиот парламент, рече Мираковска. Таа истакна дека на крајот на дводневните состаноци ќе бидат донесени заклучоци во кои се очекува да бидат поздравени одлуката за првата меѓувладина конференција и почетокот на преговорите. Во Европскиот парламент во Стразбур денеска и утре се одржува 20. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија и ЕУ. Претходниот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет се одржа во Скопје, на 28 и 29 јуни годинава. Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ функционира од 2004 година, како форум каде членовите на македонското Собрание и Европскиот парламент разменуваат искуства, мислења и ставови за актуелни прашања и за зајакнување на меѓусебното партнерство. нд/тг/ 

Остани поврзан