• петок, 05 декември 2025

Македонските одбојкарски шампиони ги стартуваат дуелите од ЦЕВ Лигата на шампионите

Македонските одбојкарски шампиони ги стартуваат дуелите од ЦЕВ Лигата на шампионите

Скопје, 21.октомври 2025 (МИА) – Двојна одбојкарска програма во Скопје од одбојкарската Лига на шампионите. Првакот кај дамите Јанта Волеј и шампионот кај мажите Струмица 47&72 утре во СЦ „Јане Сандански“ ги стартуваат дуелите од ЦЕВ Лигата на шампионите.

Струмица 47&72 четврта година во низа ќе биде дел од ова натпреварување, но првакот доби тешка задача во првата рунда – најтрофејниот романски клуб Динамо Букурешт.

-  Четврта година во низа Струмица е дел од најквалитетното европско натпреварување, но оваа година со поскромни амбиции со оглед на тоа дека добивме еден квалитетен ривал како Динамо Букурешт. Резултатот за нас не е во прв план, затоа што оваа сезона имаме подмладен тим и во прв план е да им се даде шанса на помладите играчи да собираат искуство. Секако дека со поддршката на поискусните ќе се обидеме да понудиме квалитетен и достоен отпор, па зошто да не освоиме и сет, потенцира капитенот на Струмица 47&72, Ефтим Ричлиев.
За разлика од Струмица, одбојкарките на Јанта Волеј Кисела Вода премиерно ќе бидат дел од елитното клупско натпреварување. Девојките на Никола Јаневиќ добија противник по мерка, трикратниот шампион на БиХ, Гацко.
-  Јанта Волеј КВ испишува клупска историја со учеството во Лигата на шампионите. Имаме противник по мерка, со кој според анализите сме на исто ниво. Добро работевме изминатиов период, имаме две победи во домашното првенство кои добро дојдоа и за подготовка и кревање на атмосферата и позитивната енергија во тимот. Ние сме скромни во нашите очекувања, не летаме високо, за да не паднеме ниско. Одиме да освоиме сет, а потоа ќе видиме што ќе донесе натпреварот – потенцира тренерот Јаневиќ.
Дуелот меѓу Струмица 47&72 и Динамо Букурешт почнува во 17 часот, додека три часа подоцна (20 часот) е закажан почетокот на дуелот Јанта Волеј Кисела Вода – Гацко. Влезот во СЦ „Јане Сандански“ ќе биде слободен за сите љубители на одбојката. мн/

Фото: ОФМ

Остани поврзан