• четврток, 04 декември 2025

Македонските едриличари ќе учествуваат на Балканското првенство во Несебар

Македонските едриличари ќе учествуваат на Балканското првенство во Несебар

Несебар, 17.октомври 2025 (МИА) - Едриличарската Федерација на Македонија ќе ја претставува нашата земја на 53-тото Балканско првенство во едрење за олимписки класи и Оптимист, што ќе се одржи во Несебар, Бугарија. Натпреварите ќе се одржат од 17-19.октомври, планирано е одржување на максимум девет трки во секоја класа, а завршната церемонија и доделувањето на медалите ќе се одржат на 19.октомври.

Настанот е во организација на Бугарската едриличарска федерација и општина Несебар, ќе ги собере најдобрите едриличари од балканските земји кои ќе се натпреваруваат во класите Optimist, ILCA 4, ILCA 6 и Finn.

-  Балканското првенство е еден од позначајните настани за нашиот спорт и претставува можност македонските едриличари да ги измерат своите сили со најдобрите од регионот во конкуренција на голем број светски и европски прваци. Нашата репрезентација се состои од вкупно 13 натпреварувачи во машка и женска конкуренција, како во младинска, така и во сениорска конкуренција. Нашата цел е преку вакви настапи да им овозможиме континуиран развој, искуство и меѓународна афирмација, изјавија од Едриличарската Федерација на Македонија.

Балканското првенство е дел од официјалниот календар на европски и регионални регати, дел од календарот на Светската едриличарска федерација и претставува важен чекор во развојот на младите таленти и афирмацијата на олимписките дисциплини.

Со ова учество, нашите едриличари го продолжуваат континуитетот на активно претставување на меѓународната сцена, по Светското Првенство во Словенија и Европоското Првенство во Полска, а со цел унапредување на спортот едрење и промоција на македонските спортисти и нашата земја. мн/

Фото: Едриличарската федерација на Македонија

Остани поврзан