• вторник, 02 јули 2024

Лончар: Болниците и касарните во Србија подготвени доколку се појави коронавирусот

Лончар: Болниците и касарните во Србија подготвени доколку се појави коронавирусот
Белград, 25 февруари 2020 (МИА) - Доколку се појави новиот коронавирус во Србија, нема да биде крај на светот, бидејќи сме подготвени да реагираме, изјави српскиот министер за здравство Златибор Лончар. - Разговарав со министерот за одбрана Александар Вулин - болниците и касарните, како и некои приватни објекти ќе бидат обезбедени за евентуално сместување на заразени од коронавирусот, рече Лончар. Тој истакна дека важно е граѓаните да не паничат и да знаат дека се што прави државата е во договор со Светската здравствена организација (СЗО). Лончар вели дека во Србија никој не е позитивин на новиот вирус и дека на клиниката за инфективни болести се испитуваат тројца кои имале врска со Кина. - Воведовме ново правило - на сите гранични премини - се мери температура со бесконтактни топломери на сите кои влегуваат во Србија. Посебно се посветува внимание на патниците од Кина, но и од Италија, рече Лончар. На граѓаните им се советува да не патуваат во северна Италија и во загрозените подрачја. Инаку, директорот на СЗО за Европа, Ханс Тлуге денеска е во посета на Србија. Во Рим, пак, денеска ќе се одржи состанок на министрите за здравство на Италија, Словенија, Австрија, Германија, Франција и Швајцарија посветен на сузбивање на новиот коронавирус. Во Италија повеќе од 220 лица се заразени со новиот коронавирус, додека седум починаа. Тоа е најголем број на случаи надвор од Азија. Канцеларот на Австрија, Себастијан Курц претходно најави мерки на превенција, меѓу кои и предупредување за граѓаните да не патуваат во соседна Италија. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека Хрватска е подготвена за сите мерки што треба да ги преземе за да го превенира ширењето на новиот коронавирус, вклучително и координација на активностите со италијанската Влада. Во меѓувреме премиерот на Словенија, Марјан Шарец изјави дека е подготвен и да ги затвори границите доколку се зголеми ризикот од новиот коронавирус. паг/    

Остани поврзан