Левица: Директорот од ЗНАМ Мемов молчи за криминалите во ПИОМ
- Ревизорските извештаи покажаа скандалозно работење за време на претходниот директор, Дритан Беџити, инаку кадар на партијата на Африм Гаши. Иако противзаконски се прогласил за директор на ПИОМ без согласност од Влада, тоа не го спречило Дритан Беџити ниту противзаконски да исплаќа награди на вработените без никаков критериум.
![Левица: Директорот од ЗНАМ Мемов молчи за криминалите во ПИОМ](https://mia.mk/images/20250215095213_big_730x400_74.webp )
Скопје, 15 февруари 2025
Додека ПИОМ тоне во долгови и во јавноста се зборува за зголемување на старосната граница за пензионирање, директорот Никола Мемов продолжува да молчи за криминалите во ПИОМ.
Ревизорските извештаи покажаа скандалозно работење за време на претходниот директор, Дритан Беџити, инаку кадар на партијата на Африм Гаши. Иако противзаконски се прогласил за директор на ПИОМ без согласност од Влада, тоа не го спречило Дритан Беџити ниту противзаконски да исплаќа награди на вработените без никаков критериум.
Со иплаќањето награди за партиските кадри, преку 206 лица противзаконски оствариле материјална корист, доделени од директорот на Африм Гаши.
Колективниот договор содржи одредби под кои услови може да се доделат награди за вработените, но во Фондот за ПИОМ нема интерни акти кои регулираат ова. Извештајот на ДЗР потврдува исплаќање на награди за вработените без никаков критериум. Направената буџетска штета од договорите за дело е над 22 илјади евра, додека буџетската штета од исплаќањето на награди се уште точно не е определена. Висината на наградите е помеѓу 3000 и 12000 денари по вработен.
Буџетска штета на Фондот е направена и преку набавка на ИТ опрема, од која дел воопшто не била функционална, незаконски се исплаќале награди за вработените, а недомаќински се стопанисувало и со домовите за стари лица. Огромни средства од Фондот се исплаќани и за пречекорување на дозволените лимити на службените мобилни телефони, неповратни средства од Фондот наплаќале и извршителите, како и бил склучен договор за закуп во времетраење од 20 години со сопствената сестра.
За злоупотреба на службената положба и овластување, казниво по член 353 од Кривичниот законик, кривична пријава е поднесена уште минатата година, но засега нема никакви резултати. Јавно го прашуваме актуелниот директор на ПИОМ од редовите на ЗНАМ - Никола Мемов: дали непроцесуирањето и неказнувањето на кривичните дела (кои ги посочува извештајот на ДЗР) е поради лична заштита на неговиот претходник, којшто е кадар на политичка партија со која тие се во коалиција?
Левица
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.