• четврток, 14 ноември 2024

Куртовски и Ибраим им се заблагодарија на печалбарите за дадената поддршка

Куртовски и Ибраим им се заблагодарија на печалбарите за дадената поддршка

Дебар, 23 август 2022 (МИА) - Избраните градоначалници на општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски и на Центар Жупа, Аријан Ибраим, искажаа голема благодарност до сите граѓани за поддршката и евопскиот изборен процес во саботата. 

Особена благодарност упатија до печалбарите, кои традиционално во летниот период престојуваат во родниот крај, а деновиве веќе почнуваат да се враќаат во земјите каде живеат и работат. 

-Почитувани наши сограѓани од дијаспората, ви се заблагодарувам на сите кои го остваривте своето право на глас на овие локални избори со што успешно беше завршен изборниот процес. Со тоа придонесовте нашата општина да продолжи нормално да функционира. На сите коишто ќе патувате во следните денови ви посакувам среќен пат, добро здравје и благосостојба во животот, каде и да сте, стои во објавата на Куртовски. 

Речиси идентична е и пораката на Ибраим, кој се заблагодари на своите сограѓани и иселениците за излезноста и масовната поддршка. 

-Почитувани сограѓани, браќа печалбари. Во мое име и во име на сите што остануваат тука во родната грутка, откако сите вие повторно заминувате, од се срце ви се заблагодарувам. Ви посакувам безбедни патишта и ветувам дека продолжуваме со успешни проекти, кои значат подобар живот и услови. Дадената доверба за мене е голема победа за сите нас. Голема благодарност, се гордеам со вас, напиша Ибраим. 

На Куртовски ова му е втор, а на Ибраим трет градоначалнички мандат. Токму присуството на иселениците, овозможи обезбедување на потребниот цензус од една третина од вкупното гласачко тело. вт/сст/ 

Остани поврзан