• петок, 22 ноември 2024

Конфедерацијата на слободни синдикати започнува со виртуелни протести

Конфедерацијата на слободни синдикати започнува со виртуелни протести
Скопје, 29 април (МИА) - Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија од утре започнува со виртуелни протести, информираа денеска од КСС на прес-конференција, што ја одржаа по повод седницата на Економско-социјалниот совет и првомајските празници. Како што нагласија, КСС денешната прес-конференција ја свикаа по повод 1 мај - Меѓународниот ден на трудот и затоа што денеска како „неподобни социјални партнери“ немале можност да се обратат до Владата како другите „подобни социјални партнери“. - Сите знаеме дека на 15 април КСС на Македонија излезе на еден предупредувачки протест кој што беше масовен, но, очигледно дека и денеска не најдоа за згодно да не повикаат во Владата и да седнеме да поразговараме за проблемите кои се наталожени, туку, само оние социјални партнери кои што ќе аминуваат сè што ќе направат, сè што ќе се прекрши и сите закони кои се прекршуваат во земјава, изјавија од КСС. Оттаму велат дека го прашале претседателот на Владата зошто не најшле време овие 15 дена да ги повикаат, на што им одговориле со писмо во кое што им укажуваат дека ги разбираат нивните барања, но ќе ги повикаат кога ќе се релаксира здравствената криза и ќе се стабилизира состојбата. - Ќе ја испратиме пораката дека ќе продолжиме многу посилно,многу пожестоко, многу порадикално, ќе си ги бараме нашите работнички права кои се права на сите работници во Македонија, апелираа од КСС. Помеѓу изнесените барања е „да престане прогонот на синдикалните лидери“ и итно да започне да се исплаќа Ковид-19 сто проценти за оние кои што се заразени на работното место. ар/сп/

Остани поврзан