Кевин Костнер ќе режира 10-часовен вестерн
- Замислата е да се прикажува по еден на секои три месеци, за тие да бидат прикажани во рок од една календарска година. Продукцијата и снимањето ќе почнат оваа есен и ќе траат најдоцна до 2023

Лос Анџелес, 23 јуни 2022 (МИА) - Американскиот глумец-режисер Кевин Костнер им се враќа на „каубојските филмови“ и „Дивиот Запад“. Имено, „Варајети“ објави дека новиот „Хоризонт“ на Кевин Костнер може да биде толку длабок и обемен еп што нема да се вклопи во само еден филм.
Првичните податоци говорат дека филмот, најверојатно, ќе има вкупно четири дела и може да биде долг повеќе од 10 часа.
Приказната опфаќа 15-годишен период додека Америка ја проширува и ја населува својата западна граница по Граѓанската војна. Филмот раскажува не само за доселениците кои се пробиваат на за нив неистражените земји, туку и за домородните луѓе кои веќе живеат таму. Костнер веќе работи на оваа огромна продукција и се одржува кастинг за 170 улоги.
Доколку се оствари планот за четири филма, замислата на Кевин Костнер, идејата е да се прикажува по еден на секои три месеци, за тие да бидат прикажани во рок од една календарска година. Продукцијата и снимањето ќе почнат оваа есен и ќе траат најдоцна до 2023 година.
Режисерот, според првичните наводи, исто така, ќе глуми во филмот, а го пишува и сценариото, заедно со Џон Берд.
„Хоризонт“ ќе биде четврто режисерско искуство за Кевин Костнер. Неговиот прв филм за „Дивиот Запад“ - „Танц со волците“ од 1990 година, доби седум „Оскари“, меѓу кои и за најдобар филм. си/сд/