• петок, 22 ноември 2024

Истражна постапка против три лица за кривично дело „разбојништво”

Истражна постапка против три лица за кривично дело „разбојништво”
Скопје, 25 мај 2022 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица кои на 11 мај во група, заедно со уште едно за сега непознато лице, влегле во казино на Качанички пат и се обиделе да одземат пари со намера противправно да ги присвојат, информираат од ОЈО Скопје. - Осомничените најпрво нападнале едно лице кое играло на апаратите за среќа и започнале да го удираат, барајќи од него да им ги даде парите. Откако оштетениот дал отпор, тие на сила го одвлекле до едно сепаре, продолжиле да го удираат и да го убедуваат да излезе со нив од казиното. За да се одбрани, оштетениот зел стол и се заканил дека ќе го фрли кон осомничените. Во тој момент првоосомничениот извадил пиштол од појасот, го репетирал и се заканил дека ќе го лиши од живот оштетениот. Сепак, нападнатото лице одбило да излезе со нив од казиното, а од нанесените удари се здобило со телесни повреди – набиеници, појаснија од скопското обвинителство. Обвинителството смета дека постои основано сомнение дека со наведените дејствија тројцата осомничени сториле кривично дело – Разбојништво од член 237 став 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик. Првиот осомничен сторил и кривично дело – Грабнување според член 141 став 2 во врска со став 1 во врска со член 19, додека останатите двајца сториле кривично дело – Грабнување квалификувано според член 141 став 1 во врска со член 22 и член 19 од Кривичниот законик. Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен. Од другите двајца осомничени, еден се уште не е лишен од слобода, додека за другиот се предложени мерки на претпазливост.​​ оџ/цр    

Остани поврзан