• вторник, 24 декември 2024

Изложба и работилница за филигран на Билјана Клекачкоска во Загреб

Изложба и работилница за филигран на Билјана Клекачкоска во Загреб
Скопје, 3 септември 2022 (МИА) - Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Загреб вечер ќе биде отворена изложба на Билјана Клекачкоска, насловена „Филигран: синергија на традицијата и современоста“.
Изложбата, која ќе може да се посети до 6 септември. ќе опфати дела од истражувањата и творештвото на авторката во последните неколку години, вклучувајќи го и нејзиниот магистерски труд „Поглед во невидливото“.
Во рамки на нејзиното претставување, в понеделник ќе се одржи и еднодневна филигранска работинлица на која  учесниците ќе имаат можност да се запознаат со оваа древна техника, но и со нејзините современи интерпретации и апликации.
Билјана Клекачкоска е уметница за накит со 26-годинишно работно искуство. Годинава магистрираше на Универзитетот во Трир, на одделот за накит и скапоцени камења во Идар-Оберштајн.
КИЦ на РСМ во Загреб во најавата за изложбата наведува дека Клекачкоска е авангарден уметник во областа дизајн и изработка на накит, пионер на новиот бран на ревитализацијата и реинвенцијата на традиционалната филигранската уметност, со голем интерес за истражување и употреба на нови техники, материјали и пристапи во уметничкото изразување.
- Нејзината фасцинација со филигранската техника е долгогодишна, а пристапот кон оваа техника цели директно да реферира и да биде апликативен на сегашните социокултурни динамики... Преку нејзината работа како уметник, претприемач и учител, има направено значајни заложби за растење на зародишната култура на изработка на накит и металопреработување во Република Северна Македонија, отворајќи патишта за другите млади творци да ја откријат нивната страст во полето на украсување и јувелирски техники, наведува организаторот на изложбата. хс/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан