• петок, 22 ноември 2024

Значително влошена епидемиолошката состојба во општина Гевгелија

Значително влошена епидемиолошката состојба во општина Гевгелија
Гевгелија, 20 јануари 2022 (МИА) - Општинскиот штаб за заштита и спасување, на првата седница со која раководеше новиот градоначалник Андон Сарамандов, врз основа на релевантни показатели заклучи дека актуелната епидемиолошка состојба во општина Гевгелија е значително влошена и повеќе од загрижувачка. Алармантната состојба беше повод едногласно да се донесе одлука за враќање и доследно спроведување на мерки и протоколи за заштита од ширење на корона вирусот од страна на граѓаните и општинските институции, кои и порано беа во сила за справување со неповолната епидемиолошка состојба. Директорот на Општата болница во Гевгелија, доктор Митко Крџев и интернистот Патрик Матх велат дека станува алармантен бројот на позитивни случаи, кој според доктор Матх не е реален туку многу поголем затоа што смета дека прикажаниот треба да се помножи со 10. Покрај ова, доктор Матх смета дека омикрон вируот не е наивен како што се смета и дека и делта и омикрон соевите се смртоносни и очекува во наредните две до три недели епидемиолошката состојба во општина Гевгелија да биде мошне сериозна. - Ковид центарот во нервното одделение веќе е пополнет со 12 пациенти од кои 6 имаат потешка клиничка слика и кои поради преполнетост на капацитетите не можат да се транспортираат на лекување во Скопје каде моментно се наоѓаат пациенти од Гевгелија од кои тројца се приклучени на респиратор, рече директорот Крџев И двајцата доктори апелираат до граѓаните да се придржуваат до пропишаните заштитни мерки и да се вакцинираат заради лична заштита и намалување на притисокот врз гевгелиската болница и здравствените работници. им/аа/

Остани поврзан