• понеделник, 23 декември 2024

Зелен хуман град: Индустријата загадува со помош на институциите

Зелен хуман град: Индустријата загадува со помош на институциите

Скопје, 16 декември 2023

Цементарница УСЈЕ е дел од загадувачката индустрија во Македонија што согорува отпад како „алтернативно гориво“. Неодамна медиумите беа преплавени со апологиите на лобисти од индустријата кои бараат укинување на забраната за увоз на отпад за горење, зашто тоа било единствениот начин за да станат поконкурентни на пазарот.

Активистичките групи кои се членки на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД со години повторуваат дека индустријата во Македонија е крајно неконтролирана и дека не постојат прецизни и објективни податоци за степенот на аерозагадување што го предизвикува. Со последниот „инспекциски надзор“ над УСЈЕ тоа многу пластично се покажа.

Во обид да ја покажат својата „транспарентност“ и „посветеност“, Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина деновиве објавија низа документи и информации во врска со инспекцискиот надзор спроведен над УСЈЕ во периоди на високо аерозагадување.

Тие документи и информации уште повеќе ги продлабочија сомнежите и ја разоткрија трулоста на системот кој ревносно ги штити големите загадувачи за сметка на јавното здравје.

Ова се фактите кои по спроведената анализа на сите јавно достапни документи и информации досега ги воочи ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД:

  • Вонредниот инспекциски надзор над УСЈЕ беше најавен.
  • Со отпочнувањето прекршочна наместо кривична постапка, инспекторот од Државниот инспекторат за животна средина потенцијално спречил кривичен прогон на УСЈЕ во склад со начелото Ne bis in idem.
  • Инспекторите мереле емисии на само 3 од вкупно 12 оџаци во УСЈЕ. Според закон и А-интегрираната дозвола, тие се обврзани да ги мерат емисиите од сите 12 оџаци.
  • Според А-дозволата, од 12 оџаци, обврската е континуирано (секојдневно) да се мерат емисии на 10 оџаци (2 ротирачки печки, 2 ладилника за клинкер, 4 мелници за цемент и 2 мелници за цврсто гориво), а двапати годишно да се мерат емисиите на 2 оџака (1 парен котел на мазут и 1 парен котел на гас).
  • Никаде не се јавно достапни дневните извештаи од континуирано мерење на 10 оџаци во УСЈЕ, што повторно е неисполнета обврска од дозволата.
  • Никаде не се јавно објавени резултатите од 24-часовното мерење на ПМ10 честици во кругот на фабриката што се реализирало за време на вонредниот надзор.
  • Во објавениот извештај од мерењата спроведени од лабораторијата ЕУРОМАК-КОНТРОЛ недостасува табела со број 7.2.6. Дали таа ги содржи податоците со мерењата на ПМ10 честиците и намерно е испуштена?
  • Во извештајот од ротирачката печка бр. 3 од автоматски мониторинг на 28 декември 2022 г. недостасуваат податоци за дури 10 часа, а според Правилникот за методологијата, начините, постапките, методите и средствата за мерење на емисиите од стационарните извори, член 15 став (2) Вредностите од мерењата на автоматскиот систем ќе се оценуваат врз основа на правилото според кое најмалку две третини од вредностите треба да бидат валидизирани за да се смета мерењето како веродостојно.

Во записниците и извештаите од мерењата се забележани огромни пропусти. УСЈЕ до Државниот инспекторат за животна средина доставува месечни извештаи. Во тие извештаи не може да се видат аномалиите кои се видливи во дневните извештаи. За да бидат веродостојни дневните мерења, во 24 часа мора да постојат податоци од мерења за минимум 16 часа. Ако не постојат мерења за минимум 16 часа, мерењата од тој ден се сметаат за невалидни. За да бидат веродостојни месечните мерења, не смее повеќе од 10 дена да има невалидни мерења. Нејасно е кој и дали воопшто некој ги валидира мерењата на дневна основа. Нејасно е како инспекторот кој го контролирал извештајот од автоматски мониторинг не го оспорил бидејќи тој содржи податоци за само 14 часа?!

Инсистираме Државниот инспекторат за животна средина и Министерството за животна средина и просторно планирање да одговорат на жителите на Скопје колку години и УСЈЕ и останати индустриски капацитети се толерирани и никој не покренал кривични постапки иако сте забележале огромни недостатоци во мерењата како во случајот со последниот спроведен надзор?

Министерот за животна средина и просторно планирање во своето последно гостување во Дневникот на Сител покажа загрижувачко непознавање на состојбите – не знаеше дека вонредниот надзор во УСЈЕ бил најавен; не знае дека и сега има обврска да ги објавува јавно податоците од континуираните мерења, а не да чека нов Закон за индустриски емисии; не знае дека министерството кое го води прво има должност да ги отпочнува кривичните постапки против загадувачи, а не да ја префрла топката кај некои други институции.

Потсетуваме дека директорот на Државниот инспекторат за животна средина на 5 јануари, ден по спроведениот најавен надзор на УСЈЕ, изјави дека фабриките не загадуваат, туку домаќинствата.

Маглата од загаденост во која нѐ држат институциите на системот ќе ја снема кога секој корумпиран службеник ќе го снема од работното место и ќе биде затворен за своите злодела.

Активисти на Граѓанска иницијатива ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД

_________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форм�� и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан