• недела, 22 декември 2024

Заменик министерот Димитровски на Ереван дијалог во Ерменија: ЕУ не треба да применува двојни стандарди кон кандидатите 

Заменик министерот Димитровски на Ереван дијалог во Ерменија: ЕУ не треба да применува двојни стандарди кон кандидатите 

Скопје, 11 септември 2024 

Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски од 9-11 септември предводеше делегација која учествуваше на Ереван дијалог форумот, кој за првпат се одржува оваа година во Ереван, Република Ерменија. Ереван дијалог форум е меѓународна платформа за дијалог на која учество зедоа повеќе министри за надворешни работи, заменици, политиколози како и претставници од академијата, приватниот сектор и граѓанското општество од источна Европа и Централна Азија.

Заменик министерот Димитровски учествуваше во дебатата насловена како ,,Превирањата во глобалниот поредок: Барање решенија”, заедно со Зохраб Мнатсаканиан, екс министер за надворешни работи на Ерменија, Сузи Карла Барбоса, екс министерка за надворешни работи на Гвинеа Бисау, Маниш Теуари, пратеник во Индискиот парламент, Али Аслан, меѓународен ТВ презентер и новинар од Германија и Збигњев Писарски, основач и претседател на Казимир Пуласки фондацијата од Полска.

Во дебатата заменик министерот Димитровски нагласи дека на почетокот од 90-тите по падот на Берлинскиот ѕид, имаше две клучни сценарија за иднината на светот, геополитиката и светскиот поредок. Едното е опишано во книгата на Френсис Фукујама, Крајот на историјата, според кое либералната демократија е конечно пронајдениот систем по мерка на човекот и ќе завладее со целиот свет. Второто сценарио е на Семјуел Хантигтон, за Судирот на цивилизациите, според кое светот го очекуваат нови војни помеѓу различните, пред се етно-религиски цивилизации. Димитровски истакна дека денес, за жал, го живееме второто сценарио или сме блиску до него. Војната е втората природа на човештвото. Балканот, земјите од Кавказот и Блискиот исток се три тензични географски точки каде што историјата на војни и етнички судири продолжува со децении, а големите светски сили и регионалните играчи ги преплетуваат своите интереси. Во моментов силата, сојузите, империите се тие што се наметнуваат и заземаат позиции - НАТО, ЕУ, БРИКС, Глобалниот југ, Кина, Индија ќе бидат играчи во новиот светски поредок. Заканата од авторитарни режими и агресивни империјалистички држави, ги тера малите земји на сојузување во алијанси.

Димитровски потенцираше дека мултилатерализмот не ги дава очекуваните резултати, зашто организациите што треба да ги спречат војните и да ги менаџираат конфликтите, како ОН и ОБСЕ, на пример, се блокирани. А тоа се гледа и на микро план, на случајот на МКД. Нашиот јужен сосед, на пример, не ја почитуваше пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг за членство на МКД во меѓународните организации под референцата БЈРМ, а источниот сосед не ги почитува пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за регистрирање на здруженијата на Македонците. Очигледно повторно силата и интересите се тие што ќе ги определуваат контурите на светскиот поредок кој е во транзиција, но алијансите како НАТО и ЕУ, кои се сојузи на слободни и демократски општества не треба да применуваат двојни стандарди кон кандидатите. МКД сака да стане членка на ЕУ и да ги исполни Копенхагенските критериуми, владеењето на правото, демократијата, човековите права, пазарната економија, а не условувањата за идентитетот, историјата, потеклото на нашиот јазик или етничката припадност на македонските револуционери, истакна Димитровски.

Во рамките на Ереван Дијалог форумот, заменик министерот Димитровски се сретна и со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто а оствари и билатерални средби и разговори со заменик министерот за надворешни работи на Ерменија, Парјур Хофханисјан, заменик министерот за надворешни работи на Грузија, Лаша Дарсалија, државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Словенија, Марко Штуцин, како и со претставници на Светскиот економски форум.

Демократски сојуз

________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото Демократски сојуз

 





Остани поврзан