• недела, 22 декември 2024

Завршен настан на проектот Еразмус + за поттикнување претприемништво преку иновативно учење

Завршен настан на проектот Еразмус + за поттикнување претприемништво преку иновативно учење
Скопје, 19 мај 2022 (МИА) - Завршен настан на проектот Еразмус + „Поттикнување на претприемништво со подобрени вештини преку иновативно учење“ се одржа денеска во Скопје. Проектот, како што појасни Викторија Митрикескa, координатор на проектот, е посветен на учениците од средните стручни училишта. - Три средни стручни училишта беа партнери во рамки на проектот - СГГУ „Здравко Цветковски”, СУГС „Браќа Миладиновци“ и АСУЦ „Боро Петрушевски“. Во рамките на овој проект имавме за цел три различни профили да ги обединиме во рамките на областа на претприемништвото и иновациите со тоа што група од 18 ученици имаа можност да присуствуваат на мобилност во Германија каде работеа со свои ментори од нивните професионални области и ги подобрија своите знаења од областа за која и учат, вели Митрикеска во изјава за МИА. Во рамките на оваа програма, додаде таа, учениците имаа и теоретски дел кој се однесуваше на иновации во претприемништвото и со ментори од Германија тие направија обид да направат својот бизнис план од областа на образованието и за оние вештини за кои тие се поттикнати, подобрени и надоградени со иновативен капацитет. Директорот на Центарот за развој на Скопски плански регион – Љупчо Кец Мицковски во својот говор истакна дека денеска завршува успешна приказна, проект кој и за Центарот, но и за младите беше предизвик. Тој се заблагодари на сите кои биле инволвирани во проектот, пред се на учениците, наставниците и директорите, како и на поддршката од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и ЕУ која финансиски го овозможи овој проект. Дел од учениците на настанот споделија искуство и посочија дека праксата се одржувала во Германија, поточно во Лајпциг, и траела 14 дена. - Посетивме повеќе градови и си поминавме многу убаво. Имавме седум дена настава за планирање и менаџмент каде што разработивме бизнис план. Со соучениците разработивме бизнис план за дрвени монтажни куќарки. Тој беше прогласен за најдобар бизнис план, најсиплатлив и најпрофитабилен. Десет дена имавме пракса, односно реставриравме црква, а првите два дена цртавме на компјутер, рече ученикот Антонио од средното училиште „Здравко Цветковски“. Сара Ангелковска од истото училиште сподели дека биле поделени во групи по четворица и оти секоја група имала своја замисла за бизнис. Нивниот проект се однесувал на одгледување на домашни миленичиња, нивно чување и дресирање. Ученикот Кристијан Стојановски од АСУЦ „Боро Петрушевски“ посочи дека во делот на развивање на бизнис план биле поделени во групи, а идејата на нивната група била работилница, односно продавница за автоделови за помодерни автомобили. - Во нашиот престој во Германија имавме практична настава во посебни сервиси, односно имавме механичка настава за автомобили, но и за друго. Беше интересно во нашето дружење имавме и други активности, посета на други градови, се запознавме со други луѓе, рече Стојановски. мс/лв/        

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан