• вторник, 15 септември 2026

ЕП утре ќе расправа за погребот на Младиќ со државни почести и глорификацијата на злосторствата

ЕП утре ќе расправа за погребот на Младиќ со државни почести и глорификацијата на злосторствата

Стразбур, 14 септември 2026 (МИА) – Европскиот парламент утре ќе расправа за погребот на воениот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, осуден за геноцид и за други воени злосторства за време на војната во Босна и Херцеговина, како и за величањето на воените злосторства во Србија.

Дебатата насловена „Погреб за Ратко Младиќ и глорификација на воените злосторства во Србија“, во рамките на пленарната седница во Стразбур, треба да започне утре во 14:15 часот.

Како што е објавено во агендата на заседанието, по расправата се очекува и усвојување резолуција.

Ратко Младиќ беше погребан со државни и воени почести на 7 септември на Топчидерските гробишта во Белград.

Највисоките претставници на ЕУ, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, минатата недела го осудија величањето на Ратко Младиќ и неговиот погреб во Белград. Во меѓувреме, еврокомесарката за проширување Марта Кос поради тоа ја откажа посетата на Белград и соопшти дека, по погребот на Младиќ со државни почести, претставниците на ЕУ треба да разјаснат едно многу важно прашање – дали Србија и понатаму е погодна да биде кандидат за членство.

И известувачот на Европскиот парламент за Србија, хрватскиот европратеник Тонино Пицула, изјави дека ЕУ треба да го преиспита продолжувањето на преговорите со Србија додека на власт е актуелниот режим, коментирајќи го начинот на кој во Србија беше организиран погребот на Ратко Младиќ, осуден за геноцидот во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства.

Воениот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, кој во Хаг беше осуден на доживотен затвор за геноцид и други воени злосторства за време на војната во Босна и Херцеговина (БиХ), почина на 27 август на 85-годишна возраст во притворската болница во Хаг.

Младиќ во 2021 година правосилно беше осуден на доживотна затворска казна, откако беше прогласен за виновен за геноцидот над Бошњаците во Сребреница, за злосторства против човештвото врз муслиманите и Хрватите во 15 општини во БиХ, за тероризирање на цивилите за време на опсадата на Сараево и за земање припадници на мировните сили на ОН како заложници.

Младиќ ги помина последните 15 години во притвор во Хаг.

Обвинението против Младиќ Хашкиот трибунал го подигна на 25 јули 1995 година, а една година подоцна беше издаден меѓународен налог за негово апсење.

По речиси 15 години бегство од правдата, Младиќ беше уапсен во Србија на 26 мај 2011 година, а пет дена подоцна беше екстрадиран во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг. ссм/ми/

фото: ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа