• недела, 22 декември 2024

Еко-свест: Загадувањето од електраните на јаглен продолжува да е екстремно високо

Еко-свест: Загадувањето од електраните на јаглен продолжува да е екстремно високо
Скопје, 7 септември 2021 (МИА) – Според новиот извештај од CEE Bankwatch Network и Centre for Research on Energy and Clean Air (CREA), подготвен во соработка со Еко-свест, загадувањето од ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј во 2020 година е на истото високо ниво како и во 2019 година. Според податоците од извештајот, најголем проблем остануваат емисиите на сулфур кога станува збор за електраните на јаглен. - Двата оџаци на битолската електрана, Битола Б1+Б2 (60.422 тони) и Битола Б3 (24.091 тони), остануваат најголем извор на сулфур диоксид во земјата. Ова се количини што се девет пати над она што е дозволено да емитува електраната и се повисоки од вкупните емисии на сулфур диоксид од сите електрани во Германија, велат од Еко-свест. Уште еден сериозен проблем се и емисиите на прашина, односно ПМ честичките. Според податоците од извештајот, со 3684 тони од ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј заедно, нивото е скоро исто како во 2019 и 2018 година – повеќе од двојно повисоко од тоа што е дозволено за земјата. Од Еко-свест додаваат дека ЕУ Директивата за намалување на емисиите на опасни супстанции, којашто е пренесена и во македонското законодавство како дел од претпристапните обврски за ЕУ преку Спогодбата за Енергетската заедница, наложува земјава да ги има намалено емисиите од големите капацитети заклучно со јануари 2018 година. Но, според извештајот, во 2020 година емисиите и понатаму се на опасно ниво, повеќе пати над дозволеното. РЕК Битола е меѓу поопасните по здравјето на луѓето во регионот, велат од Еко-свест. Доколку емисиите биле доведени во законските граници, само во 2020 година би можеле да се спречат скоро 300 предвремени смртни случаи од рак, респираторни и кардиоваскуларни заболувања. - Во последните 10 години нема скоро никаков прогрес во намалување на загадувањето од електраните на јаглен. Земјава и понатаму е сериозно зависна од јагленот како енергенс и покрај најавите за постепено негово напуштање. Но, дури и ако се остварат стратешките определби да се затворат двете електрани во наредните пет до седум години, недозволиво е тие да продолжат да загадуваат на овие нивоа. РЕК Осломеј мора итно да се престане да работи без понатамошни одложувања, а ТЕЦ Битола мора да ги намали работните часови за да намали барем дел од загадувањето што го предизвикува“, истакна Невена Смилевска од Еко-свест. Давор Пехчевски, координатор за аерозагадување за Балканот во CEE Bankwatch Network изјави дека државата официјално има план за престанок на употребата на јаглен, но работите мора да се одвиваат побрзо, со цел да се овозможи максимална заштита на здравјето на луѓето. Смилевска додава дека овој процес мора да е по принципите на праведна транзиција, каде работниците и заедниците коишто зависат од работата на електраните на јаглен нема да бидат заборавени. - Мора веднаш да се започне со изработка на планови за оваа транзиција со сите релевантни страни, особено со најзасегнатите заедници, вели таа. Целосниот извештај е достапен на следниот линк. ки/ац/

Остани поврзан