• вторник, 19 ноември 2024

Еврозоната со најголем економски пад, закрепнувањето неизвесно

Еврозоната со најголем економски пад, закрепнувањето неизвесно
Брисел, 25 октомври 2020 (МИА) - Европската унија, првенствено 19 земји од Еврозоната, во 2020 година бележат најголем економски пад од Втората светска војна. Како резултат на кризата предизвикана од пандемијата на Ковид19, земјите кои ја користат заедничката валута евро, во вториот квартал на 2020 година забележаа пад на БДП од 14,7 проценти во споредба со истиот период во 2019 година, објави Европската агенција за статистика За истиот период, падот на БДП низ ЕУ е 13,9 проценти. Падот на БДП во еврозоната е придружен со пад на потрошувачката на домаќинствата, намалување на извозот, како и зголемување на бројот на невработени. Евростат наведува дека во вториот квартал на 2020 година е забележан најголем пад на БДП и бројот на вработени од почетокот на сезонското мерење во 1995 година. Во споредба со почетокот на 2020 година, бројот на вработени се намали за 2,9 проценти во еврозоната, трошоците за потрошувачка на домаќинства се намалија за 12,4 проценти, а извозот падна за 18,8 проценти. Во својата последна економска прогноза, од јули 2020 година, Европската комисија оцени дека кризата со Ковод19 ја погоди европската економија повеќе од очекуваното. Европската комисија предвидува дека БДП на еврозоната во 2020 година ќе се намали за 8,7 проценти, а ќе се зголеми за 6,1 процент во 2021 година. Значителен економски пад во 2020 година се очекува за Франција, Италија и Шпанија, додека помал е предвиден за Германија, Холандија и Полска. За да се санираат последиците од пандемијата, ЕУ во јули го донесе најголемиот заеднички буџет во својата историја. Вкупниот износ на буџетот за периодот 2021-2027 година и новоформираниот Фонд за рехабилитација е 1.824 милијарди евра. Според новиот Евробарометар, спроведен во јули и август, 64 проценти од Европејците сметаат дека економската состојба е „лоша“, а 42 проценти сметаат дека економијата на нивната земја ќе се опорави од негативните ефекти од епидемијата на коронавирус во 2023 година години или подоцна. паг/

Остани поврзан