• понеделник, 23 декември 2024

Димитров: Како земја и народ да бидеме третирани со достоинството што го заслужуваме

Димитров: Како земја и народ да бидеме третирани со достоинството што го заслужуваме

Скопје, 23 јули 2021 (МИА) - Случајот на Северна Македонија е сериозен тест за европската перспектива на регионот и за постулатите на Унијата како заедница на вредности, што ја слави јазичната и културната различност на континентот. Влогот е огромен, и повикувам како земја и народ да бидеме третирани со достоинството што го заслужуваме и да бидат применети критериумите за пристапување кон Унијата како и европските вредности.

Ова денеска го изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на вториот ден од неформалниот состанок на министри за европски прашања, во своето обраќање на пленарната сесија во Брдо, Словенија, насловена „Кон поголема отпорност на Европската Унија по Ковид-19 кризата“.

Главниот фокус на дискусијата, како што соопшти СЕП, беше ставен на зајакнување на капацитетите на Унијата за справување и опоравување од Ковид-19 кризата, при што вицепремиерот Димитров ја потенцираше важноста на развивањето заеднички координиран пристап на ЕУ и Западниот Балкан за справување со споделените предизвици како можности за поголема интеграција.

- Вирусот не познава граници и не знае дали земјите се членки или кандидати за членство. Затоа нашиот регион, опкружен со ЕУ земји, мора заедно со ЕУ да се справува со заедничките кризи, како што е пандемијата, рече Димитров.

Во тој контекст, Димитров посочи дека Западниот Балкан е вклучен во повеќето механизми на ЕУ за справување со здравствената криза, но и социо-економско опоравување.

- Зборот криза значи одлучувачки момент. Токму за проширувањето, во рамки на словенечкото претседателство ни престои таков одлучувачки момент во смисла на потребата од заживување на европскиот сон во Западниот Балкан. Успехот ќе биде заеднички. Неуспехот ќе биде заеднички, истакна Димитров. нд/

Тагови

Остани поврзан