• понеделник, 23 декември 2024

Димитров - Довжан: Словенија ќе работи за старт на преговорите со Северна Македонија

Димитров - Довжан: Словенија ќе работи за старт на преговорите со Северна Македонија
Скопје, 7 јули 2021 (МИА) - Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, на барање на словенечка страна, денеска имал видео-средба со државниот секретар во МНР на Словенија, Гашпeр Довжан, на која разговарале за приоритетите на словенечкото претседавање со Советот на ЕУ во следните шест месеци и вклучувањето на европското досие на Северна Македонија во тој контекст. - Европската перспектива на Северна Македонија и регионот не е само во интерес на овој дел од Европа туку и геостратешка потреба на Унијата во овој клучен период, јасно препознаена и во Брисел и во главните градови на земјите членки. Тоа кореспондира и со приоритетите на нашите словенечки пријатели за кредибилна и стабилна ЕУ како израз на процесот на европско обединување. Станува невозможно да се одржи европското влијание без одржување на зборот од европска страна – почеток на пристапни преговори за оние кои испорачаа, како што е македонскиот случај, рекол вицепремиерот Димитров, стои во соопштението од СЕП. Во таа насока, државниот секретар Довжан потенцирал дека регионот е вклучен во трите столба на словенечкото претседателство и процесот на проширување ќе биде истакнат како хоризонтално прашање за иднината на Европа, а особено внимание ќе биде посветено за продолжување на напорите на германското и португалското претседателство за надминување на пречките за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и продолжување на дијалогот со Бугарија во согласност со европските принципи и вредности. Словенечкото претседателство, стои во соопштението, упатило покана до вицепремиерот Димитров за присуство на неформалниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ, што ќе се одржи на 22 и 23 јули во Брдо крај Крањ. На средбата била потенцирана и одличната билатерална соработка изразена преку техничката помош што Северна Македонија ја добива од Словенија во усогласувањето со европските стандарди и политики, како и подготовката на националната верзија на правото на ЕУ.​ цр/са/      

Остани поврзан