• четврток, 04 декември 2025

Димитриевски: Куманово ќе стане регионален економски центар

Димитриевски: Куманово ќе стане регионален економски центар

Куманово, 1 октомври 2025 (МИА) - Куманово ќе продолжи да се развива со десетина клучни проекти, најави на вечерашната конвенција од градскиот плоштад кандидатот за градоначалник на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски. Пред кумановци тој кажа дека програмата опфаќа стотици проекти кои ќе придонесат Куманово да стане регионален економски центар и најуредена општина во Македонија.

На конвенцијата, Димитриевски кажа дека ќе продолжи бесплатниот јавен превоз, ќе се изградат три градинки во Зелен Рид, „Бајрам Шабани“ и Карпош, нов плоштад од кај „Чоробенско ќоше“ Македонија кој ќе се поврзе со плоштадот „Нова Југославија“. Кандидатот за градоначалник, од Движењето ЗНАМ-За Наша Македонија во програмата предвидува и реконструкција на централни и подрачни училишта, Димитриевски посочи дека се гради ново училиште во поранешната касарна „Карпош“.

- Еден од најдрагите проекти иако нè кочеа, во соработка со оваа Влада, се изборивме домот за пионери да се врати назад на градот, кој ќе биде целосно реконструиран со целодневен престој за децата и технолошки-интеркултурен центар за најмладите. Тоа му го должиме на ова место каде што, нашите генерации пораснавме таму, кажа Димитриевски.

Тој најави изградба на три кружни тека кај „Доне Божинов“, Зелен пазар и кај реонскиот пазар, расчистување на тротоарите со бариери, проширување на булеварите, нулта толеранција за непрописно паркираните, формирање пешачки зони, фазно спојување на двата плоштади, доуредување на кејот и пет нови паркови. Ќе се уредуваат улиците од зоната „А“ во мултиетничко и мултикултурно Куманово. Тој најави дека неговата визија е Куманово да стане нов регионален центар на Балканот во кој покрај локалната ќе се развива и регионалната економија, ќе се зголеми бројот на работни места во домашните и странските компании и да биде движечка економска сила, не само во Македонија туку и во овој дел од Балканот. Заради вкрстувањето на коридорите 10 и 8, како што кажа, Димитриевски во соработка со централната власт може да се постигне тоа.

Пред кумановци тој се обрати и на еден од противкандидатите кого не го именуваше кој, како што рече, кажал дека ќе го „ослободи Куманово“.

- Куманово е слободен град, а ти беше дел од групата што го запусти Куманово. Ќе му порачам нека продолжи да им служи на тие коишто имаат златни визи за Дубаи, на тие што ја предадоа и продадоа секоја педа од кумановска и македонска земја, македонските национални интереси и истите тие што на оваа место ветуваа дека Македонија ќе му се одолжи на Куманово, а го запустија и имаа можност и држеа јавни функции од технички премиери, премиери итн., рече Димитриевски.

Тој ја побара поддршката и кажа дека Куманово останува во раце на граѓаните, додавајќи дека ЗНАМ израсна од граѓаните и е за граѓаните и најави победа насекаде каде што ЗНАМ има кандидати и листа на советници меѓу нив и за општина Центар.

Димитриевски во обраќањето посочи на 800-те реализирани проекти, бројни улици, реконструкции на атмосферска, водоводна и канализациска мрежа, изградба на игралишта, реконструкција на Соколана, на спортската сала, најавувајќи дека продолжи, бесплатниот превоз, поставени се бекатони, тротоари, поддршка за 200 културни случувања, за 50-тина спортски клубови, укажувајќи дека дека ќе победи во првиот круг, бидејќи граѓаните веќе се изјасниле на анкетите.

Пред присутните се обрати и носителот на листата, Ивана Ѓорѓиевска која истакна дека на ЗНАМ не му се потребни квоти за да се покаже рамноправноста, туку дека листата е составена од жени и претежно млади луѓе, за кои кажа дека се чесни и професионалци кои секоја идеја и потреба на граѓаните ќе ги преточат во решение.

- Да продолжиме да работиме на создавање младински центри и простори за дружење, децата ќе растат во безбедни и современи игралишта, постарите генерации ќе добијат стабилна поддршка и грижа затоа што општината ќе остане вистински партнер и пријател на секое семејство. Горда сум што ја предводам листата составена од чесни, компентенти луѓе со знаења и искуство и млади со визија и свежи идеи, кажа Ѓорѓиевска.

Пред кумановци се обрати и кандидатот за советник Мила Петрушевска која ги повика младите да го гледаат Куманово како свој дом, а беа презентирани сите 31 кандидат за советник.ам/вј/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан