Делегација предводена од началникот на ГШ, Лафчиски, се сретна со гувернерот на Вермонт и го посети Универзитетот „Норвич“
- Делегацијата на Армијата и Министерството за одбрана, предводена од началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Сашко Лафчиски, која престојува во Вермонт, САД, остварила средба со гувернерот на оваа сојузна држава, Фил Скот. Лафчиски бил придружуван од државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова, а на средбата присуствувал и командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт.
Скопје, 29 јули 2025 (МИА) - Делегацијата на Армијата и Министерството за одбрана, предводена од началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Сашко Лафчиски, која престојува во Вермонт, САД, остварила средба со гувернерот на оваа сојузна држава, Фил Скот. Лафчиски бил придружуван од државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова, а на средбата присуствувал и командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт.
Како што информира Генералштабот на Армијата, за време на средбата, која се одржала вчера, се разговарало за придобивките од Програмата за партнерство во изминатите повеќе од три децении која, како што наведува ГШ, „се реализира преку широк спектар на активности, како што се: изведување заеднички обуки и вежби, конференции, посети на воени бази, школски центри и институции во САД, семинари и сл.“

-Дополнително, беше нагласен огромниот придонес на командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Најт, кој за време на својот мандат има клучна улога за развојот и успешноста на оваа програма, се посочува во соопштението на Генералштабот.
Во рамки на активностите, македонската делегација остварила средба со командантот на Универзитетот „Норвич“, бригадниот генерал Вилијам МекКола при посетата на оваа високо воено-образовна институција.
-Обнова на програмата за размена на студенти помеѓу Армијата и Универзитетот беше во фокусот на разговорот. Оваа програма одигра значајна улога во зајакнување на партнерство меѓу двете земји и во поддршка на професионалниот и академскиот развој на идните воени лидери. Таа останува клучен механизам во напорите за продлабочување на институционалните врски и унапредувањето на интероперативноста, соопшти Генералштабот на АРМ.

Во текот на денот, делегацијата го посетила и Регионалниот центар за подготвеност и регионална технологија „Нортфилд“, каде бил презентиран ангажманот на овој центар во доменот на информациски операции и сајбер безбедноста во нашата држава.
-Во таа прилика, генералот Лафчиски истакна дека „искуството и експертизата на центарот претставуваат уникатна можност за градење капацитети во оваа област“, имајќи предвид дека зајакнувањето на сајбер отпорноста е национален одбранбен приоритет кој е усогласен со принципите на колективна одбрана на НАТО и заложбата за сајбер одбрана на Алијансата, се наведува во соопштението.
Во него се додава и дека во следните неколку дена делегацијата ќе присуствува „на повеќе презентации и посети на институции и капацитети од заемен интерес“. хс/дма/
Фото: Генералштаб на Армијата