• петок, 22 ноември 2024

Дебата: Потребно е поставување на повеќе жени на позиции на донесувачи на одлуки во општините

Дебата: Потребно е поставување на повеќе жени на позиции на донесувачи на одлуки во општините
Скопје, 24 март 2021 (МИА) - Поставување на повеќе жени на позиции на донесувачи на одлуки во општините, минимизирање на родовостереотипни работни позиции и искористување на целосниот потенцијал како на мажите така и на жените, се дел од препораките за породово рамноправни општини, што беа изнесени на денешната дебата „Со кои предизвици се среќаваат жените на позиции на донесувачи на одлуки во општините?“.
На дебатата, што се одржа како дел од активностите во рамки на кампањата „Месец на родова рамноправност во донесувањето одлуки“, во рамки на проектот „Низ женски леќи: покревање на политики и буџетски иницијативи, следење на спроведувањето на локалните акциски планови за родова еднаквост“, што е финансиран од Европската Унија, беше потенцирано дека е потребно зајакнување на улогата и влијанието на координаторите за еднакви можности, како и целосно реализирање на предвидените активности во програмите за родова еднаквост, бидејќи, како што беше истакнато, програмите најчесто се богати, меѓутоа на крајот на годината голем дел од тие активности не се имплементираат.
- Имплементирање на родова перспектива во планирањето и креирањето на програмите за сите области во општините не само во програмата за родова еднаквост, развивање на програми за превенција и заштита од родово базирано насилство на локално ниво како нешто што ни го наложува ратификувањето на Истамбулската конвенција, користење на родово сензитивен јазик и собирање на родово поделени податоци за корисниците на сите програми како и креирање и имплементирање на родово одговорен буџет, се дел од препораките кои произлегоа од денешната дебата, а се констатирани врз основа на спроведената родова анализа.
Имено, анализата е спроведена во 17 општини со кои работи проектниот тим „Низ женски леќи“ -  Чаир, Шуто Оризари, Илинден, Кавадарци, Неготино, Брвеница, Теарце, Делчево, Крушево, Старо Нагоричане, Липково, Гевгелија, Радовиш, Делчево, Македонска Каменица, Вевчани, Струга.
Како што беше посочено, најпрво биле прибирани податоци и вршени анализи на закони и документи со коишто се регулира работата на локалната самоуправа, а потоа биле прибирани  јавно достапни податоци од официјалните веб страни на општините.
- Цели на оваа оваа родова анализа се да ја утврдиме родовата рамноправност на фукциите на донесувачи на одлуки на локално ниво. Потоа да ги утврдиме постоечките родови стереотипи во поставувањето на позициите на донесувачи на одлуки на локално ниво. Да видиме колку се земаат во предвид специфичните потреби на мажите и жените при креирање на општинските програми, да утврдиме постоење на родови цели, приоритети и активности при планирањето и креирањето на програмите. Дали податоците се собират за корисниците на овие програми и дали за тие корисници има постојат родово разделени податоци, како и да утврдиме дали постои планирање и имплементирање, беше наведено на дебатата.
Прво била спроведена анализа на лидерските позиции -  градоначалниците, претседателите на совети, членовите на совети, координаторите за еднакви можности, координаторите на кризни штабови, раководителите на секторите и одделенијата во Општината, претседателите на урбани месни заедници како и директорите на градинки и директори на основни училишта.
- Има неколку важни заклучоци, од 17 општини само две се водени од градоначалнички од оние со кои работиме, а тоа се општините Старо Нагоричане и Македонска Каменица, сите останати се водени од мажи.  На ниво на цела Македонија имаме многу мал број градоначалнички, посочија од проектниот тим „Низ женски леќи“.
Заклучија дека позициите во кои мажите преовладуваат како донесувачи на одлуки во овие 17 општини се најчесто градоначалниците, потоа претседателите на советите и координаторите на кризни штабови. Секаде има 15 мажи и две жени, со тоа што координаторите на кризни штабови се градоначалниците.
- И нешто што беше најзагрижувачки се претседателите на урбаните и месните заедници. Беа изброени вкупно 220 урбани месни заедници, од 220 дури 217 се водени од мажи. Односно имаат претседатели мажи, а само три имаат претседателки жени.  Две во Гевгелија и една во Старо Нагоричане.  Ова е една сериозна бројка, односно сериозна родова нееднаквост во однос на овие урбани месни заедници, знаејќи дека пред се руралното население ги има претставниците преку овие претседатели коишто треба да ги споделуваат нивните специфични потреби. Така што доколку немаме жени на овие позиции мала е веројатноста дека специфичните потреби на жените ќе бидат споделувани, беше нагласено на денешната дебата.
Посочија дека  има и позиции на кои преовладуваат жени, тоа се координаторите за еднакви можности - двајца мажи координатори и 15 жени.
- Од вкупно 16 градинки само во Општината Крушево имаме маж директор на градинка, а во сите останати имаме жени директорки. Во три раководни позиции имаме предвижување кон родов баланс, се уште тоа се раководителите на сектори и одделенија каде што отприлика има некој родов баланс  на раководни позиции.  Но, тука повторно ги имаме родово стереотипни позиции кадешто раководителки жени обично се на секторот за социјална заштита, или пак на секторот за култура, а останатите се раководени од мажи, посочија од тимот „Низ женски леќи“.
Нагласија дека од  директорите на основни училишта, една третина се директорки, а останатите две третини се мажи директори. Тука, како што заклучија, имаме некое придвижвање.
- Членовите на советот, на сите совети заедно 189 членови мажи и 89 членови жени. Тоа 68, наспроти 32 проценти.  Можеме да забележиме дека ќе ни треба уште некој период за ова да се промени, можеби веќе на следните локални избори кои што доаѓаат, беше истакнато на дебатата. см/сст/

Остани поврзан