• недела, 22 декември 2024

Двајца пациенти добија бубрези од починат донор - извршена уште една трансплантација на хируршките клиники

Двајца пациенти добија бубрези од починат донор - извршена уште една трансплантација на хируршките клиники

Скопје, 1 ноември 2024 (МИА) - На хируршките клиники во текот на вчерашниот ден e изведена уште една трансплантација на органи од починат донор. Благодарение на хуманиот чин, храброста и емпатијата на едно семејство кое одлучи да даде согласност за донирање на органите од свој близок, двајца пациенти со ретка крвна група добија бубрег и ќе продолжат да живеат нормален живот, без потреба од дијализа, информираат денеска од Министерството за здравство.
 
-Во тек на изминатото деноноќие извршивме трансплантација од починат донор. Изразувам посебна благодарност на семеството на донорот, кои во најболен момент на лична загуба, се одлучија да ги донираат органите, покажувајќи силна емпатија и човекољубие кон пациентите кои чекаат трансплантација. Пациентите кои примија органи се со уреден постоперативен тек. Им посакувам брзо закрепнување и долг живот. Изразувам благодарност и на медицинските тимови од сите клиники кои беа вклучени во процесот на трансплантација, изјави проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.

Од Министерството додаваат дека поради ретката крвна група на починатиот, овојпат на националните листи немало реципиенти за другите органи.

-Трансплантацијата за најголем дел од пациентите е единствена шанса за живот. За други, пак, е можност за поквалитетен живот. Но, таа не може да се случи доколку не постои актот на органодарување. Само благодарение на храброста, несебичноста и емпатијата на семејствата на донорите, трансплантацијата е возможна. Да се подари органи, значи да се подари некому втора шанса за живот, велат од Министерството за здравство. сст/са/

фото Министерство за здравство
 
 

Остани поврзан