• сабота, 16 ноември 2024

Грција разговара со десет земји за сертификатот за вакцинација

Грција разговара со десет земји за сертификатот за вакцинација
Атина, 21 февруари 2021 (МИА) – Велика Британија, САД, Австралија, Србија, Русија, Украина, Кина, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, се десетте земји со кои Грција веќе разговара на билатерално ниво за сертификатот за вакцинација, според министерот за туризам на Грција Харис Теохарис, јави дописничката на МИА од Атина. Во интервјуто за викенд изданието на грчкиот електронски весник „Political“, Теохарис вели дека дигиталниот сертификат за вакцинација на билатерално ниво „ќе биде една од главните алатки преку кои ќе можеме да го отвориме протокот на туристи со разни земји“. - Очигледно би преферирале да постои еден автоматски процес со сите земји, но под сегашните околности ваквите билатерални договори се неопходни. Имаме намера да го прошириме „моделот на Израел“ со најважните туристички земји за нас, соодветно нивниот план. Затоа, составивме листа од 10 земји, а тоа се Велика Британија, САД, Канада, Австралија, Србија, Русија, Украина, Кина, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија и со кои веќе сме во консултации, за да можеме за кратко време да бидеме во позиција да го утврдиме форматот, видот и начинот на проверка на автентичноста на овие сертификати, вели Теохарис. За можноста да постои договор во рамките на ЕУ, министерот за туризам на Грција објаснува дека е позитивно тоа што грчкиот предлог добива сè повеќе сојузници во Унијата и истакнува дека Грција го задржува правото сертификатот за вакцинација да биде алтернатива на негативниот тест. - За да ги расчистиме заблудите, треба да разјасниме дека овој сертификат нема исти карактеристики како еден вид пасош, па затоа не се покренува прашање за задолжителна вакцинација за оној кој сака да патува. Напротив, целта е да се отстрани дел од бирократијата, како што е негативниот тест пред поаѓањето. Во однос на дискусиите околу личните податоци, наједноставниот одговор е и најубедлив. Не постои обврска да се покаже потврдата за вакцинација, секогаш постои алтернативата со негативен тест за секој што сака да патува, објаснува министерот за туризам на Грција. ср/гт/

Остани поврзан