• сабота, 16 ноември 2024

Грција задоволна од предлогот на ЕК за дигитален зелен сертификат

Грција задоволна од предлогот на ЕК за дигитален зелен сертификат
Атина, 18 март 2021 (МИА) – Задоволство од предлогот на Европската комисија за воведување дигитален зелен сертификат за патувањата во кој ќе бидат вклучени податоците дали лицето е вакцинирано или има негативен ПЦР тест или пак прележало Ковид-19, изразуваат грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, министерот за туризам Харис Теохарис, потпретседателот на ЕК Маргаритис Схинас, но и туристичките федерации и здруженија во Грција, со оглед на тоа дека станува збор за грчка идеја и грчки предлог, јави дописничката на МИА од Атина. -Нашата цел е да ја отвориме летната сезона околу 15 мај, а со оглед на тоа дека се очекува во вториот квартал уште повеќе граѓани од ЕУ да бидат вакцинирани, очекувам значително зголемување на патувањата. Според тоа задоволен сум што овој предлог е усвоен од Европската комисија и првично е прифатен од сите поголеми земји- членки на ЕУ, рече Мицотакис во интервјуто за Си-Ен-Ен. Додава дека сертификатот ќе овозможи безбедно отворање на туризмот, објаснува дека голем дел од туристите во Грција доаѓаат од Унијата, па затоа е важно да се гарантира дека „патниците од ЕУ ќе можат да патуваат колку е можно полесно и без дополнителни ограничувања“, но и истакнува дека овој модел ќе се користи и за трети земји, споменувајќи го Израел како пример. -Во однос на патувањата на граѓаните вон Европската унија, имаме намера да се движиме на сличен начин. Започнавме со Израел бидејќи Израел вакцинираше над 50 отсто од популацијата. А Грција е популарна дестинација за туристите од Израел. Имаме намера оваа практика да ја копираме и со други земји кои не припаѓаат на Европската унија и очекувам дека ова ќе биде главната алатка што ќе ја користиме со цел да ги олесниме патувањата, објасни Мицотакис за Си-Ен-Ен. Потпретседателот на Европската Комисија Маргаритис Схинас, за грчката телевизија Антена, говорејќи за „зелениот пасош“ рече дека „амбицијата е да не се загуби летото“. -На Самитот за осум дена шефовите на држави и Влади ќе разговараат за параметрите за употреба на сертификатот и сметам дека ќе бидеме подготвени пред летото, рече Схинас и додаде дека со фактот што за два месеци, идејата стана предлог, дава надеж дека „предлогот набргу ќе стане одлука“. За вчерашниот предлог на ЕК, задоволство изрази и министерот за туризам на Грција Харис Теохарис кој рече дека дигиталниот зелен сертификат е „неопходно и рационално решение“, кое ги почитува личните податоци, но и „основното право на европските граѓани за слободно движење“. -Сертификатот за вакцинација одлучувачки ќе придонесе за рестартирање на туризмот и ќе го забрза процесот на враќање во нормала на животите на сите нас, истакна Теохарис. Паралелно, предлогот на ЕК го поздравија и од Федерацијата на грчките хотелиери, како и од Здружението на грчки туристички бизниси. ср/зш/

Остани поврзан