• четврток, 04 декември 2025

Гаштаров: Полска и Италија се голем предизвик

Гаштаров: Полска и Италија се голем предизвик

Скопје, 2.септември 2025 (МИА) - Македонската фудбалска репрезентација до 21 година ги стартуваше подготовките за новиот квалификациски циклус. Нашата селекција квалификациски циклус за пласман на ЕП 2027 го започнува со гостување во Полска, а потоа во Битола сме домаќини на Италија. Избраниците на селекторот Горан Станиќ во првите две кола ќе се соочат со фаворитите во групата, што за нас е само дополнителна мотивација. Младите надежи на стадионот „Борис Трајковски“ го одработија првиот тренинг.

- Нормално е да се надеваме на големи работи и борба за првите места на табелата. Имаме голем предизвик пред себе, играме против две квалитетни репрезентации, Полска и Италија. Ние, од друга страна, како генерација имаме квалитет и голем мотив да одиграме најдобро. Одлично се подготвуваме и секогаш сме среќни кога сме дел од националниот тим, што е многу важно за тимскиот дух. На тренинзите и на натпреварите се чувствува сплотеност и желба, а тоа многу значи. Одиме да се надигруваме со сите, одиме да победуваме и да им донесеме радост на навивачите, изјави Матеј Гаштаров.

Првиот натпревар од групата македонските репрезентативци до 21 година ќе го играат во Краков на 5.септември, додека дуелот во Битола се игра на 9.септември.    мн/

Фото: ФФМ

Остани поврзан