• понеделник, 23 декември 2024

Во случајот со Северна Македонија да се применат европските вредности и критериуми за членство, да продолжи билатералниот дијалог меѓу Скопје и Софија

Во случајот со Северна Македонија да се применат европските вредности и критериуми за членство, да продолжи билатералниот дијалог меѓу Скопје и Софија
Скопје, 24 јули 2021 (МИА) - Случајот на Северна Македонија е сериозен тест за европската перспектива на регионот и за постулатите на Унијата како заедница на вредности, што ја слави јазичната и културната различност на континентот. Влогот е огромен, и повикувам како земја и народ да бидеме третирани со достоинството што го заслужуваме и да бидат применети критериумите за пристапување кон Унијата како и европските вредности. Ова вчера го изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на вториот ден од неформалниот состанок на министри за европски прашања, во своето обраќање на пленарната сесија во Брдо, Словенија.

Во меѓувреме, вршителот на должност бугарски министер за надворешни работи Светлан Стоев изјави дека дијалогот меѓу Бугарија и Северна Македонија мора да продолжи и во иднина, за остварување на единствената и заедничка цел – земјата да започне преговори со ЕУ.

Главниот фокус на дискусијата во Брдо, насловена „Кон поголема отпорност на ЕУ по Ковид-19 кризата“, беше ставен на зајакнување на капацитетите на Унијата за справување и опоравување од Ковид-19 кризата, при што Димитров ја потенцираше важноста на развивањето заеднички координиран пристап на ЕУ и Западниот Балкан за справување со споделените предизвици како можности за поголема интеграција.

– Вирусот не познава граници и не знае дали земјите се членки или кандидати за членство. Затоа нашиот регион, опкружен со ЕУ земји, мора заедно со ЕУ да се справува со заедничките кризи, како што е пандемијата, рече Димитров, додавајќи дека Западниот Балкан е вклучен во повеќето механизми на ЕУ за справување со здравствената криза, но и социо-економско опоравување.

Според Димитров, зборот криза значи одлучувачки момент и токму за проширувањето, во рамки на словенечкото претседателство ни престои таков одлучувачки момент во смисла на потребата од заживување на европскиот сон во Западниот Балкан.

- Успехот ќе биде заеднички. Неуспехот ќе биде заеднички. Во следните шест месеци, или ќе ја достигнеме оваа одлучувачка точка - или ќе го обновиме кредибилитетот на ЕУ на Балканот или ќе го изгубиме. Сметаме на вештините и мудроста на нашите словенечки пријатели за да успееме, нагласи Димитров.

Вицепремиерот Димитров завчера по пристигнувањето во Љубљана имаше средба со државниот секретар во Министерството за надворешно работи на Словенија и актуелен претседавач со ГАК, Гашпер Довжан, при што нагласи дека приоритетите на словенечкото претседателство со ЕУ во следните шест месеци, покрај пријателска поддршка за нас и за регионот, претставува и принципиелен однос во полза на кредибилноста на самата Унија. Димитров во четвртокот во Љубљана имаше средби и со летонскиот министер за надворешни прашања Едгарс Ринкевичс и словачкиот државен секретар за европски прашања Мартин Клус, на кои беше реафирмирана поддршката за отпочнување на преговори за членство со оглед на фактот дека Северна Македонија ги исполни сите услови и беше потенцирано дека е потребен итен исчекор во процесот на проширување на Унијата. Бугарскиот министер Стоев, во меѓувреме, нагласи дека на средбите со претставници на земјава за време на Форумот во Дубровник, бугарскиот заменик министер за надворешни работи Румен Александров предложил разговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија да продолжат и да не се губи време во билатералниот дијалог. – Александров во моментов е во Словенија, каде што е и македонскиот вицепремиер Никола Димитров и доколку побара, тој може да се види и да разговара со неговиот бугарски колега. Емоциите се пречка, треба дa се гради прагматична политика меѓу Бугарија и Северна Македонија, потенцира Стоев. Тој нагласи дека промена на Уставот на Северна Македонија е еден од начините за решавање на проблемите со припадниците на бугарската национална заедница во земјата. – Ние ја третираме Република Северна Македонија како суверена држава со сето она што произлегува од таквиот однос, изјави Стоев, додавајќи дека бугарското МНР треба „да добие поширока рамка за водење на процесот на преговори“. Тој нагласи дека Бугарија ја третира Северна Македонија со почит, но дека земјава, според него, треба да ја увиди реалноста. Одговарајќи на прашање на МИА, Стоев изјави дека не смета оти Бугарија треба да именува специјален претставник за Северна Македонија, следејќи го примерот на земјава која на ваквата должност за односите со Софија го именува поранешниот премиер Владо Бучковски. Бугарскиот министер праша и зошто земјава не испраќа амбасадор во Софија веќе 18 месеци, додавајќи дека исто како што неговиот македонски колега Бујар Османи „може да го повика бугарскиот амбасадор во Скопје и да го види во рок од 10 минути“, така и тој би сакал да може да се јави и да разговара со амбасадорот на Северна Македонија во Софија. Коментирајќи ја средбата на форматот „Мини Шенген“, во кој учествуваат Северна Македонија, Албанија и Србија, Стоев рече дека е добро да има регионални формати, но е важно во нив да нема политика. – Поврзаноста на регионот е добра, се додека не се користи за политички цели, додаде Стоев.  Во меѓувреме во Софија продолжуваат консултациите за формирање нова влада. Бугарскиот претседател, Румен Радев, на почетокот на консултациите со партијата што победи на парламентарните избори „Има таков народ“ ја поздрави нивната одлука за отворање дијалог со другите партии. нд/ац/

Остани поврзан