• недела, 22 декември 2024

Во Пакистан неколку стотици луѓе починаа од топлотен удар

Во Пакистан неколку стотици луѓе починаа од топлотен удар

Исламабад, 27 јуни 2024 (МИА) - Стотици луѓе починаа во јужен Пакистан под влијание на многу високи температури, кои не стивнуваат со денови, соопштија властите.

Во текот на претходните шест дена амбулантни возила собраа 568 тела во Карачи, а само во вторникот 141. Вообичаено е мртовечниците да примаат од 30 до 40 тела во еден ден.

Зголемувањето на бројот на смртни случаи следеше кога температурата во Карачи се искачи над 40 степени, со висока влажност. Според извештаите, максималната измерена температура достигна и до 49 степени.

- Граѓанската болница во Карачи прими 267 лица со топлотен удар во периодот од неделата до средата, изјави д-р Имран Сарвар Шеик, шеф на одделот за итни случаи.

„Повеќето од луѓето кои дојдоа во болница беа во 60-тите или 70-тите години, а имаше и помлади од 45 години, па дури и неколку во своите дваесетти“, рече Шеик.

Симптомите на топлотен удар вклучуваат повраќање, дијареа и висока температура.

„Многу од луѓето што ги примивме работеле на отворено. Им рековме да пијат многу вода и да носат лесна облека на овие високи температури“, додаде докторот.

Високата температура, опишана од еден метеоролог како „делумен топлотен бран“, го зафати Пакистан минатиот викенд. Отворени се центри и кампови каде граѓаните можат да се освежат. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан