Во Националната опера и балет одбележан Националниот ден на Австрија
- Честитки до Владата и коалициските партнери за успехот на последните избори вечерва упати амбасадорот на Австрија во земјава Мартин Памер на свечениот прием во Националната опера и балет по повод Националниот ден на Австрија. Тој порача дека двете држави имаат многу заеднички ставови што, според него, се рефлектира и во одличните билатерални односи на сите нивоа и во сите области.
Скопје, 27 октомври 2025 (МИА) – Честитки до Владата и коалициските партнери за успехот на последните избори вечерва упати амбасадорот на Австрија во земјава Мартин Памер на свечениот прием во Националната опера и балет по повод Националниот ден на Австрија. Тој порача дека двете држави имаат многу заеднички ставови што, според него, се рефлектира и во одличните билатерални односи на сите нивоа и во сите области.
Памер во своето обраќање потсети на значењето на националниот празник, денот кога Австрија го прогласи Законот за постојана неутралност, и го истакна патот на земјата низ историјата, особено во последните 100 години.
-И покрај надежите за мир, времињата не се подобрија, можеби дури и се влошија. Европа денес се соочува со војни, системски закани и глобални предизвици како климатските промени, демографијата и миграцијата, истакна амбасадорот Памер.

Тој нагласи дека националните празници се можност за осврт кон постигнатото и подготовка за иднината, при што ја истакна успешната билатерална соработка меѓу Австрија и Северна Македонија.
Австрискиот бизнис, потенцира Памер, останува најголем директен инвеститор во македонската економија. Амбасадата, заедно со партнери, придонесе во управување со кризите, поддршка на пожарникарски служби, развој на туризмот и културна соработка. Особено беше истакнат настапот на Филхармонијата на Северна Македонија што ќе се одржи утре во Виена кој е прв ваков настап во австриската престолнина.

Во областа на безбедноста, Памер рече дека оваа година за првпат 70 австриски војници учествуваа во заедничка воена вежба во Северна Македонија, а полициската соработка даде резултати во борбата против криминалот и нелегалната миграција.
Во социјалната сфера, Австрија годишно поддржува многу проекти, а неодамна беа отворени два нови центри – за семејства во социјален ризик и за социјална инклузија.

На крајот од свеченоста, амбасадорот Памер го додели „Златниот крст за заслуги“ на Република Австрија на, како што рече, четворица истакнати пријатели на Австрија, Свето Јаневски, Методија Мирчев, Христо Пејков и Иван Мирковски.
На свеченоста присуствуваа претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, министерката за образование и наука Весна Јаневска, началникот на Генералштабот Сашко Лафчиски, како и претставници од верските заедници, бизнис секторот и граѓанското општество. бк/нд/
Фото: МИА