• недела, 22 декември 2024

Во „Барометарот“ на Транспаренси Интернешнл-Македонија за јули повеќе „матни“ од „бистри“ случаи

Во „Барометарот“ на Транспаренси Интернешнл-Македонија за јули повеќе „матни“ од „бистри“ случаи

Скопје, 5 август 2024 (МИА) - Во „Барометарот“ на корупција за јули на Транспаренси Интернешнл-Македонија, активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, наречена „Бистро-Матно“, има регистрирано повеќе „матни“ од „бистри“ случаи. 

Во „бистрите“ случаи се наведуваат кривичните пријави против пет лица за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и против две лица за „несовесно работење во службата“ – Единицата за корупција во Секторот за криминалистички истраги при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во соработка со Одделот за криминалистичка полиција на 05.07.2024 до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против: Д.Д.(55), М.Г.(32), М.М.(64), К.В. (58) и А.Д.(29), сите од Скопје, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, како и З.И.(60) и Б.Б.(51), двајцата од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „несовесно работење во службата“.

Во овие случаи е и кривичната против директорка на државен ученички дом во Битола, ја злоупотребила својата положба и го оштетила Буџетот на МОН – СВР Битола до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против 57-годишната Е.С. од Битола, поради основано сомнение за сторени четири кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „несовесно работење во службата“, „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“, сите од Кривичниот законик, извести МВР.

- За да не му напишат казна побарале да ги почасти, полицајци снимени како земаат поткуп – Против тројца полицајци од полициската станица ценат се поднесени кривични пријави за примање поткуп, информираше Министерството за вантрешни работи. Тие се сомничат дека на 04.07.2024 околу 23.00 часот на ул.„Даме Груев“ во Скопје, при вршење службени задачи побарале и примиле подарок за себе за да не извршат службено дејствие, односно да не констатираат сообраќаен прекршок и на тој начин го нарушиле угледот на Министерството за внатрешни работи, наведуваат од Транспаренси Интернешнл-Македонија во соопштението за „бистрите“ настани.

Во „матните“ настани е истрагата од Обвинителството за двајца кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители – Досиеја за еден поранешен и еден актуелен кандидат на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ се меѓу одземените работи за време на остварениот претрес во оваа институција. Предметот бил отворен „благодарение“ на податоците што обвинителството ги добило од телефонот на осомничениот врховен судија Наќе Георгиев против кого веќе се води случај за кривичното дело „примање награда за против законито влијание“. 

- Има висок ризик од корупција во многу области во Северна Македонија, вели новиот извештај на ЕК – Независноста на судството и институционалниот капацитет за негова заштита од влијание остануваат сериозна загриженост, нотира извештајот на Европската комисија за владеење на правото во Северна Македонија за 2024 година. Нивото на перцепција за независност на судството е многу ниско и покрај реформите во судството и новата стратегија, која има за цел да ја подобри независноста, ефикасноста и професионалноста на судството. Во него се вели дека е воспоставена сеопфатна национална антикорупциска стратегија, но оти нејзината имплементација заостанува. Високиот ризик од корупција останува распространет во многу области, посочуваат од Транспаренси Интернешнл-Македонија.

Како „матен“ настан е регистриран и случајот со не поднесувањето изјава за имотна состојба до ДКСК од шест пратеници од новиот парламентарен состав, за што, како што изјави претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Татјана Димитровска, за нив е покренато поведување прекршочна постапка.  

Во „Барометарот“ се посочува и на заменик-министер во техничката влада кој донел 189 спорни решенија за распоредување на вработени, со што наводно ги прекршил законските одредби. - Државната комисија за спречување на корупцијата планира да покрене судска постапка против поранешниот функционер. Посочениот заменик-министер е Назим Буши, според Димитровска, Буши од 31 мај до 23 јуни 2024 година донел 98 решенија за хоризонтални распоредувања, 68 за унапредување и 23 решенија кои резултирале со намалени основни плати за вработените. Овој период беше одбележан со избор на нова влада, се додава во соопштението.

„Ревизорите нижат извештаи, обвинителите отвораат предмети“ е насловен и друтиот „матен“ случај за јули. 

– Од 40 предмети поврзани со ревизорски извештаи, за кои ДЗР пред неполни два месеци барал податоци од Обвинителство, „Онкологија“ е единствениот што е во фаза на истрага, дел се затворени бидејќи немало основ за кривично гонење, а во повеќето сè уште траат проверките. Додека се чека епилог, Обвинителството тврди дека ги разгледува сите извештаи на ревизорите. Јавното претпријатие „Железници – Инфраструктура“, Јавното претпријатие за државни патишта, како и Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, познато како „Македонија пат“, периодов се мета на проверка од скопските обвинители. Овие три институции изминатиот период беа опфатени во извештаите на Државниот завод за ревизија, појаснуваат од Транспаренси Интернешнл-Македонија. цр/са/

Фото: Транспаренси Интернешнл-Македонија

 

 

 

 

Остани поврзан