• понеделник, 25 ноември 2024

Во АСУЦ „Боро Петрушевски“ почна имплементација на ПИСА тестирањето

Во АСУЦ „Боро Петрушевски“ почна имплементација на ПИСА тестирањето
Скопје, 15 септември 2021 (МИА) - АСУЦ „Боро Петрушевски“ е училиштето кое прво започнува со имплементација на ПИСА тестирањето, кое е меѓународно тестирање и се спроведува од страна на ОЕЦД. Нашата држава за првпат земала учество во ова тестирање во 2002 година, а ова е четврто тестирање, информира денеска министерката за образование и наука Мила Царовска. Во ова тестирање, како што посочи Царовска, учествуваат 885 ученици од 13 средни училишта во државата. За првпат, додаде, имавме можност за ова пробно тестирање да имаме и национално домашно пробно тестирање, се со цел да ги подготвиме и учениците и наставниците за процесот на тестирање. ПИСА тестирањето прави проценка на научната, јазичната и математичката писменост на учениците. - Ние сме имале еден тренд на надолно или опаѓање во квалитетот на знање кај учениците се до 2018 година, кога драстично се гледа разлика меѓу 2015 и 2018 година и се постигнува едно повисоко ниво во споредба со себепостигнувањето но исто така и со другите земји кои се ниско на листите како оценувани држави на тестирањата ПИСА, рече Царовска, додавајќи дека во оваа фаза во која се наоѓаме сега учениците ќе покажат колку од своето знаење кое го стекнале во основното образование, денеска можат да го практикуваат. Самото тестирање е дигитално, и тоа, според Царовска, кажува дека сме еден чекор поблиску до развиените земји кои учествуваат во овие тестирања. - Сметам дека ние како држава треба да се стремиме да ги постигнеме повисоките цели кои овие тестирања ги предлагаат, рече Царовска. Директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) Елизабета Наумовска информира дека со ова тестирање се опфатени ученици родени во 2005 година, односно на 15-годишна возраст. - Денеска почнуваме со тестирање или пилотирање за првпат во нашата држава, спроведување на меѓународно тестирање согласно современите европски трендови и светски трендови, со помош на компјутери. Учениците веќе од 9 часот почнаа. Сознанијата се дека се многу позадоволни да одговараат вака на лаптопи. За таа цел ДИЦ набави 20 комјутери, но многу помош добивме и од МОН преку проектната единица од Светска банка. За реализација на овој проект добивме 70 лаптопи со посебни перформанси како што ги бара оваа меѓународна студија, рече Наумовска. ПИСА е континуирана програма и ќе се реализира во април и мај 2022 година во сите средни училишта на избран примерок на ученици по случаен избор. Ќе учествуваат околу 80-на земји во светот. Со резултатите што ќе се постигнат од ПИСА, како што додаде Наумовска, не се потврдува само дали учениците ќе можат да го репродуцираат своето знаење туку се испитува и колку може тоа знаење да го применуваат. мс/дма/  

Остани поврзан